ПСАЛМ 77
Верноста Божја во водењето на неговиот непослушен народ
1 Слушни ги, народе мој, поуките мои, нека чуе увото ваше што зборува устата моја.
2 Ја отворам устата своја со парабола и ќе зборувам за непознатите работи од старо време,
3 работи што ги чувме и дознавме и што ни раскажуваа татковците наши,
4 нема да ги криеме од нивните деца, на идниот род ќе му раскажуваме за славата на Господ и силата Негова, и чудесата Негови што Тој ги изврши.
5 Тој подигна сведоштво во Јаков и положи закон во Израил, и им заповеда на татковците наши сето тоа да им го објават на децата свои,
6 за да знае идниот род, децата, што ќе се родат, та и тие во свое време да им раскажуваат на своите деца,
7 да ги полагаат надежите свои во Бога, да не ги забораваат делата Божји, да ги чуваат Неговите заповеди
8 и да не бидат како татковците нивни - род тврдоглав и бунтовен, непостојан по срце и не Му остана верен на Бога со духот свој.
9 Синовите Ефремови, вооружени, стрелајќи со лакови, отстапија во денот на битката:
10 тие не го запазија заветот на Бога и не сакаа да одат по Неговиот Закон.
11 Ги заборавија Неговите добрини и чудеса, што им ги беше покажал,
12 чудесата што пред очите на нивните татковци ги направи во египетската земја, во полињата на Цоан;
13 го раздвои морето и ги преведе преку него, и ги постави водите како насип;
14 дење ги водеше со облак, а по цела ноќ - со огнена светлина;
15 разби карпа во пустината и ги напои како од голема бездна.
16 Од карпата изведе вода, и води потекоа како реки.
17 Но тие продолжуваа и понатаму да грешат пред Него и да Го огорчуваат Севишниот во пустината:
18 Го искушуваа Бога со срцето свое, барајќи храна за своето лакомство,
19 па Го нападнаа Бога, велејЌи „Може ли Бог да приготви трпеза во пустина?"
20 Ете, Тој удри во карпа - и бликнаа води, потекоа потоци. Може ли Тој да му даде и леб, може ли да му приготви месо на Својот народ?
21 Поради ова што го чу, Господ се разгневи и пламна во гнев, и оган се разгоре против Јаков и гнев се крена против Израил,
22 затоа што не поверуваа во Бога и не се надеваа на спасението во Него.
23 Тој им заповеда на облаците одозгора и се отворија вратите на небесата,
24 па им истури дожд од мана да јадат, и им даде леб небесен.
25 Леб ангелски јадеше човекот: Тој им испрати храна до наситување.
26 Го раздвижи од небото јужниот ветар и со силата Своја го дотера југозападниот ветар,
27 па ги одожди со месо како со прав и со птици пернати како со песок морски:
28 ги нафрла среде нивниот табор, околу нивните живеалишта,
29 и тие јадеа и се заситија: и тоа што го сакаа, им го даде.
30 Но уште не беше минала нивната желба, и храната уште им беше во устата нивна,
31 а гневот Божји дојде врз нив, ги уби нивните најсилни и израилските момчиња ги погуби.
32 При сето тоа тие продолжуваа да грешат и не поверуваа во чудесата Негови.
33 И така им минеа дните нивни попусто и годините нивни во ужас.
34 Кога ги убиваше, тогаш Го бараа, се обраќаа и прибегнуваа кон Бога,
35 и се сеќаваа дека Бог е нивен помошник и дека Севишниот Бог е нивен избавител.
36 Но со устата своја Го мамеа, со јазикот свој лажеа пред Него;
37 срцето нивно не Му беше наполно верно, и тие не беа цврсти во заветот Негов.
38 Но Тој, Милостивиот, им го простуваш е гревот и не ги истребуваше, многупати
ја отстрануваше јароста Своја и не го разгоруваше сиот Свој гнев:
39 Тој ќе си спомнеше дека се тие тело и здив што оди и не се враќа.
40 Колкупати Го беа огорчувале во пустината и Го беа разгневувале во безводната земја!
41 И отстапуваа и одново Го искушуваа Бога и Го раздразнуваа Светецот Израилев;
42 не се сеќаваа на Неговата рака, ни на денот кога Тој ги избави од непријателот;
43 кога ги покажа во Египет Своите знаци и во полињата на Цоан - Своите чудеса;
44 и ги претвори реките нивни и потоците нивни во крв, за да не можат да пијат;
45 испрати на нив бубачки да ги боцкаат и жаби да ги уништат;
46 житото нивно го предаде на гасеници и трудот нивен на скакулци;
47 лозјата им ги исчука со град и смоквите нивни - со слана.
48 И добитокот нивен го уништи со град, а имотот нивен - со оган;
49 го испрати врз нив гневот на јароста Своја, јарост, и гнев, и маки - одред зли ангели;
50 го отвори патот на Својот гнев, не ги поштеди од смрт ни душите нивни и добитокот нивен го предаде на помор;
51 уништи сé што беше првородено во Египет, првините од нивниот труд во шаторите на Хам.
52 Тогаш го поведе Својот народ како овци, и ги водеше како стадо преку пустината:
53 ги водеше сигурно, и тие не се уплашија; непријателите нивни ги покри морето -
54 и Ги воведе во светата Своја гора, онаа, која десницата Негова ја беше придобила;
55 и ги изгони од пред лицето нивно народите, а земјата им ја раздели со ждрепка во нивно наследство, и ги насели израилските колена во полињата нивни.
56 Но тие Го искушуваа и Го огорчуваа Бога Севишниот и не ги пазеа наредбите Негови.
57 Отстапија и се оттргнаа како татковците нивни, се претворија во искривен лак.
58 Го разгневуваа на ридовите свои и со своите идоли Го раздразнуваа.
59 Бог го чу тоа, се разгневи многу, го отфрли Израил;
60 ја отфрли скинијата во Силом, во која се всели Тој меѓу луѓето;
61 и ја предаде во ропство нивната крепост и убавината нивна во рацете на непријателот;
62 па го предаде Својот народ на меч и се разгневи на Своето наследство.
63 Момчињата нивни оган ги голташе, и за девојките нивни немаше свадбени песни;
64 свештениците нивни паѓаа од меч, и вдовиците нивни не беа оплакувани.
65 Тогаш се разбуди Господ како од сон, како јунак од вино совладан,
66 и ги порази непријателите Свои од зад грб и ги предаде на вечен срам.
67 И го отфрли Јосифовиот шатор и не го избра коленото Ефремово,
68 туку го избра коленото Јудино, гората Сион, која ја возљуби.
69 И изгради светилиште Свое како небото и како Земјата го утврди засекогаш,
70 и го избра Давид, својот слуга, го зеде од овчите стада,
71 и од овците што се јагнат го доведе за да го пасе народот Негов, Јаков и Израил, наследството Негово.
72 И Тој ги пасеше со чисто срце и ги водеше со Својата мудра рака.
„Ќе му пеам на Господа се додека постојам. “
Од преполнетото срце на Давида и другите псалмописци, се изли копнежот на секое срце човечко да заедничари со Бога да испроси од Бога прошка за согрешенијата, изливајќи го низ благопријатната песна своето покајание пред престолот Божји и од Сесилниот Господ да побара заштита од злото кое постојано го притиска.
Секоја Богобојажлива душа колку повеќе ги чита светите псалми се повеќе во неа се буди радоста која произлегува од посетата на Божјата благодат и се влева во неа мир и сигурност од закрилата на цврстата закрила Божја.
Господ наш Исус Христос ги посочува и како пророштва за она што стана со Него а заради нашето спасение /лк.24.44/.Светите Апостоли пак ги препорачуваат на верните за усовршување во верата/Еф.5.19/. Великите отци наши /св.Атанасиј Велики , св.Григориј Ниски , св. Јован Златоуст .../со голема радост говорат за нивната душеполезност во своите беседи и одговори на верниците за поуките од псалмите, препорачуваќи ги на верните што повеќе да ги читаат. Светата Црква поделуваќи ги во таканаречени катизми ги распоредила во богослужбениот неделен циклус со цел да се прочита целиот псалтир за една седмица, а за време на Великиот пост и два пати. За жал денес катизмите честпати се прескокнуваат на богослужбите од причини да се постигне во време и другите обврски да можат да се завршат, а ако се земе во обзир и тоа што во многу храмови не се служзи секојдневно/ да не бидам погрешно сватен ова најчесто се случува од практична па и финансиска невозможност/за да не се маргинизира псалтирот и верните да не се исклучат од големите дарови кои произлегуваат од неговото читање се препорачува на верните покрај молитвеното правило во своите молитви да го практикуваат и читањето на псалмите со голема богобојазливост за да нацрпат од овој благодатен извор многу дарови за своја душевна полза - за мир, утешение, здравје и спасение .Амин!
о. Горан Тасески
ПСАЛМИ
Вовед
Псалмите се најдолгата книга во Светото Писмо. Тие се песни кои се пееле со музичка придружба, или, пак, се рецитирале како молитви. Значителен број псалми се напишани од Давид, но има и од други писатели, како што се Асаф, Мојсеј, Соломон и потомците на Кора. Овие песни биле собирани подолго време и заземале важно место во богослужбите на израилскиот народ.
Името Псалми потекнува од насловот на оваа збирка песни во грчкиот превод на Стариот завет.
Сто и шеснаесет псалми содржат пред-текст кој дава податоци за потеклото, видот и музичката придружба на соодветниот псалм. Можат да се издвојат повеќе видови псалми, меѓу кои:
1. Химни, или славословија кои Го слават Господа. Такви псалми се: 8, 9, 32, 99, 102-104, 110, 112, 113, 116, 134, 135, 144-149.
2. Псалми во кои Господ е прикажан како Цар: 46, 92, 95-98.
3. Псалми за владетелите: 2, 17, 19, 20, 44, 71, 88, 100, 109, 143.
4. Сионски песни: 45, 47, 75, 86, 131.
5. Псалми за верата во Бога: 1, 36, 48, 72, 77, 111, 118, 126, 132.
6. Псалми испеани во неволји: 11, 43, 57, 59, 73, 78, 79, 82, 84, 89, 93, 105, 107, 122, 125, 136
7. Молитви упатени кон Бога, поради несреќи: 5-7, 12, 16, 21, 24, 25, 27, 30, 34, 37, 38, 40-42, 50, 53, 56, 58, 60, 62, 63, 68–70, 85, 87, 101, 108, 119, 129, 139-142.
8. Благодарствени псалми: 9-10, 29, 31, 33, 39, 91, 106, 115, 117.
Инаку и Исус пеел некои псалми, заедно со Неговите ученици (види Мр. 14,26).
Псалмите се цитирани повеќе од сто пати во новозаветните книги. Некои псалми содржат прототипови за Личноста на Исус Христос. На пример, псалмите 21 и 68 ги претскажуваат Христовите страдања, додека псалмите 15, 109 и 117 содржат елементи на Христовото воскресение и слава. Псалми во суштина се состои од пет книги и тоа: 1. Пс. 1-40, 2. Пс. 41-71, 3. Пс. 72-88, 4. Пс. 89-105 и 5. Пс. 106-151.
Извор: БИБЛИЈА
Друго:
Ново издание од Повардарската епархија (18.02.2010)
20 Колку големи и тешки маки ми прати, но Ти пак ќе ме оживееш, и пак ќе ме изведеш од земните длабочини.
21 Ќе ми го зголемиш достоинството и пак ќе ме утешиш.
22 И јас ќе ја славам на харфа Твојата верност, Боже мој; ќе Те воспевам на лира, Светецу Израилев!
23 Ќе се радува устата моја, кога ќе Ти пеам, и душата моја, која си ја избавил.
24 И јазикот мој секогаш ќе зборува за Твојата правда, кога ќе поцрвенеат и ќе се засрамат оние, кои ми пожелуваа зло.