Ги приклонувам колената пред Тебе, како блудниот син во древноста, Господи и Владико, поитај ми во пресрет и прими ме, та прегрнувајќи ме, дарувај ми залог за Твоето Спасение. Наместо наемник, син Твој повторно направи ме, Спасителу човекољубив.
Утрена, втора недела од Постот
Поуки од светите отци: Тогаш, знаејќи каква е судбината на злобниот, потруди се да стекнш блажена кротост во душата своја, фалејќи Го Христа, Учителот на добродетелите и наши сотрудбеници без кои не сме во можност да направиме никакво добро.
Свети Григориј Палама
Богоиспратената ѕвезда гледајќи ја, мудреците блесокот нејзин го следеа, и имајќи ја за светилник небесен, со неа тие крепкиот Цар Го бараа. Пристапувајќи пред недостижниот, се израдуваа пеејќи Му: »Алилуја!«
Од Акатистот на Богородица
Молитва:
Боже, Ти секогаш си подготвен да ни се откриеш и пред да сме ние спремни да ги видиме делата на Твоите раце: отвори ги очите наши за да ги гледаме секогаш околу себе знаците на Твоето присуство. Биди близу нас, Господи, дури и кога ние со своите гревови се оддалечуваме од Тебе – биди близу, Господи, и дај ни да го чувствуваме Твоето присуство, иако сме незаслужни и недостојни! Амин.
Читање од Светото Писмо:
Исаија 7, 1-14
Битие 5, 32; 6, 1-8
Соломонови Изреки 6, 20-25; 7, 1
Созерцание: Синко, пази ја заповедта на татка си и не отфрлај поуката на мајката своја.
Соломонови Изреки 6, 20
Подготви: А.Л.
Преподобен Мартинијан 26/02/2009
Житието на овој светител е чудесно и прекрасно. Што сѐ не претрпе за да ги исполни Господовите заповеди! Во својата осумнаесетта година се оддалечи во планината наречена Ковчежна во Кападокија и таму поживеа дваесет и пет години во пост, молитва и бденија и во борби со многу искушенија. Кога дојде да го искушува една жена а тој виде дека ќе падне во грев со неа, скокна бос во оган и стоеше внатре додека болката не му навре солзи на очите и не уби во него секаква похот. Кога надојдоа други искушенија тој побегна на една осамена карпа сред морето и таму живееше. Но кога при еден бродолом и на оваа карпа доплива една жена, тој скокна во морето за да се удави, но го дочека еден делфин и по Божја Промисла го изнесе на грб на брегот. Тогаш реши повеќе нигде да не се населува трајно, а постојано да патува. Така за две години измина сто шеесет и четири града, исправајќи ги и советувајќи ги луѓето. Најпосле пристигна во Атина и таму се упокои во 422 година.
Светите Зоа и Фотинија 26/02/2009
Зоа беше најпрво развратна жена и искушувачка на Св. Мартинијан, па кога го виде овој испосник како скока во оган за да убие секакво сладострастие во себе, таа горко се покаја, отиде во еден манастир во Витлеем, каде што јуначки се подвизуваше како испосничка и затворничка. Кога ги покаја своите гревови доби од Бога дар на чудотворство. Света Фотинија морската бура ја исфрли на островот на којшто се беше осамил Св. Мартинијан. Тој веднаш се оддалечи од островот, а Фотинија се упокои таму во пост и молитва.