Во деновите од 25 до 27 октомври оваа година при Македонската православна црква “Св.Илија“, Мисисага, Онтарио, Канада, со богослужби и други свечености, беше одбележан празникот на Света Злата Мегленска.
(фото архива:Од осветувањето на храмот во 2006г.)
Имено, можеби малкумина знаат дека при црквата посветена на “Св. пророк Илија“ постои и друг олтар, помала црквичка, посветена на “Св. Злата Мегленска“. Почитта кон оваа наша македонка, која маченички пострада за верата христијанска во 1795 година, беше причината што, уште при изградбата на новата црква, црковниот одбор одлучи да се остави простор кој ќе биде посветен во нејзина чест. По кратко време, по завршувањето на поголемите работи при изградбата, се постави и иконостас. Денес тоа е одвоена црква, капела, и е прво свето место на овие простори посветено во нејзина чест. Целта наша е да го издигнеме култот на Света Злата Мегленска меѓу нашите луѓе, да се запознаат со нејзиниот живот и маките што ги претрпе за Христа Спасителот. Затоа што и покрај сите удобности и земни блага што и беа понудени Света Злата го избра потешкиот пат, патот на страданијата, не сакајќи да се откаже од христијанската вера. Таа пострада маченички но нејзиното дело живее и Господ ја прослави со светителски дар. Со тоа таа се вброи меѓу нашите великани кои проповедаа не само зо збор туку и со дело. Таа беше инспирација за многумина по
доцнежни христијани како треба да се чува христијанската вера и како треба да Му се служи на Спасителот Господ Христос.
Прославите започнаа со служење на Вечерна богослужба, а на самиот ден, 26 октомври, и на Света Литургија. На крајот од Литургијата парохискиот свештеник, прота-ставрофор Илија Донев, одржа пригодно слово за животот и делото на Света Злата Мегленска.
За разлика од предходните две години посетата на богослужбите оваа година беше знатно поголема. На Литургијата одговараше црковниот хор.
Кум на празникот беше г. Филип Шмагранов со семејството. Покрај славскиот леб тие подготвија и ручек за сите присутни. Тоа беше вистинска трпеза на љубовта каде се зборуваше за претрпените маки нејзини. И во оваа прилика му благодариме на семејството Шмагранов. За кумови за идната година се пријавија Никола и Вера Костовски. Честито.
На 27 октомври, сабота, се одржа и свечен банкет. Најпрво со своја програма настапи малата играорна група при црквата предводена од учителката Емилија Петковски, а потоа и учениците при при неделното училиште за веронаула и македонски јазик кои с епретставија со неколку рецитации.
На крајот парохискиот свештеник им се заблагодари на сите учесници особено на децата за нивниот настап поздравувајќи ги со желби повторно видување идната година и во поголем број.
Известува,
Протоереј-ставрофор
Илија Донев
Од Архивата на вести:
http://www.mpc.org.mk/vest.asp?id=1319
http://www.mpc.org.mk/vest.asp?id=1325
Посети:{moshits}