ПСАЛМ 67
Благодарност кон Бога за победата
1 Нека се крене Бог, и да се распрснат непријателите Негови; нека се разбегаат пред лицето Негово оние што Го мразат.
2 Како што димот исчезнува, така да исчезнат; како што восокот се топи од оган, така да загинат грешниците од лицето Божјо!
3 А праведните да се развеселат, да се зарадуваат пред Бога и ќе Го прославуваат во радоста.
4 Пејте Му на Бога, пејте Му на Неговото име; направете Му пат на Оној, Кој се движи по небото; името Му е Господ, и радувајте се пред Него.
5 Татко на сираците и Заштитиник на вдовиците; Тој е Бог во Своето свето место.
6 Бог им дава домови на напуштените, ги ослободува од окови затворениците, а непокорните остануваат да живеат во пеколна пустина.
7 Боже, кога Ти излегуваше пред Твојот народ, кога чекореше по пустината,
8 земјата се тресеше и небесата истураа дожд пред Бога, Бог на Синај – пред Бога, Бог Израилев.
9 Изобилен дожд изли Ти, Боже, врз Твоето наследство, и кога тоа изнемоштуваше, Ти го поткрепуваше.
10 Стадата Твои живеат на неа; во Својата добрина, Боже, Ти се погрижи и за сиромасите.
11 Господ дава наредба; голема е придруж бата на известителите:
12 цареви на армии бегаат ли бегаат, а жените по домовите пленот го делат.
13 Додека вие почивавте меѓу стадата, крилјата на гулабицата заблескаа во сребро, а нејзините пердуви со злато.
14 Кога Семоќниот ги разбиваше царевите, снег паѓаше на Селмон.
15 Горо моќна, горо Башанска, горо со бројни врвови, горо Башанска!
16 Зошто гледаш завидливо, горо со бројни врвови, кон гората што Бог ја посака за Свое пребивалиште, каде што Господ ќе престојува довека?
17 Божјите коли се безброј - на илјада илјади; Господ на Синај доаѓа во Светилиштето.
18 Ти се возвиси високо, плени плен, прими дарови од луѓето, дури и од противниците на Божјото пребивалиште
таму.
19 Нека е благословен Бог Кој нé носи од ден во ден, Бог, нашето спасение.
20 Нашиот Бог е Бог Кој спасува; во власта на Господ е избавувањето од смртта.
21 Но Бог ќе им ги скрши главите на непријателите Свои и влакнестото теме на оние што остануваат во своите гревови.
22 Господ рече: од Башан ќе ги вратам, ќе ги извлечам од морските длабочини,
23 за да ти се натопи ногата твоја и јазикот на твоите кучиња во крвта на непријателите.
24 Го видов Твоето величествено доаѓање, Боже, доаѓањето на мојот Бог и Цар во Светилиштето:
25 напред одеа пејачите, а на крајот свирачите, а во средината - девојки со тимпани:
26 „Во собранијата благословувајте Го Бога, Господ, вие, што сте од семето Израилево!”
27 Таму беше Венијамин, најмладиот; кнезовите Јудини - со своите чети, кнезовите Завулонови, кнезовите Нефталимови.
28 Покажи ја Боже, силата Твоја, снагата Твоја, Боже, како што правеше со нас во минатото.
29 Поради Твојот храм во Ерусалим, царевите ќе Ти принесуваат дарови.
30 Скроти ги ѕверовите во мочуриштата, воловите со телињата на народите, згази ги под нозете оние кои се лакомат по почести, растури ги народите кои уживаат во војна.
31 Нека се донесе бронза од Египет, Етиопија брзо нека подаде раце кон Бога.
32 Царства земни, пејте Му на Бога, славете Го Господа,
33 Кој се вози на небо, на небесата исконски. И, ете, Тој го испраќа Својот глас, Својот силен глас.
34 Подајте Му слава на Бога! Над Израил е Неговото велелепие, а силата Негова на облаците.
35 Чудесен си Ти, Боже, во светоста Своја; Бог Израилев - Тој ќе му даде сила и крепост на Својот народ. Нека е благословен Бог!
„Ќе му пеам на Господа се додека постојам. “
Од преполнетото срце на Давида и другите псалмописци, се изли копнежот на секое срце човечко да заедничари со Бога да испроси од Бога прошка за согрешенијата, изливајќи го низ благопријатната песна своето покајание пред престолот Божји и од Сесилниот Господ да побара заштита од злото кое постојано го притиска.
Секоја Богобојажлива душа колку повеќе ги чита светите псалми се повеќе во неа се буди радоста која произлегува од посетата на Божјата благодат и се влева во неа мир и сигурност од закрилата на цврстата закрила Божја.
Господ наш Исус Христос ги посочува и како пророштва за она што стана со Него а заради нашето спасение /лк.24.44/.Светите Апостоли пак ги препорачуваат на верните за усовршување во верата/Еф.5.19/. Великите отци наши /св.Атанасиј Велики , св.Григориј Ниски , св. Јован Златоуст .../со голема радост говорат за нивната душеполезност во своите беседи и одговори на верниците за поуките од псалмите, препорачуваќи ги на верните што повеќе да ги читаат. Светата Црква поделуваќи ги во таканаречени катизми ги распоредила во богослужбениот неделен циклус со цел да се прочита целиот псалтир за една седмица, а за време на Великиот пост и два пати. За жал денес катизмите честпати се прескокнуваат на богослужбите од причини да се постигне во време и другите обврски да можат да се завршат, а ако се земе во обзир и тоа што во многу храмови не се служзи секојдневно/ да не бидам погрешно сватен ова најчесто се случува од практична па и финансиска невозможност/за да не се маргинизира псалтирот и верните да не се исклучат од големите дарови кои произлегуваат од неговото читање се препорачува на верните покрај молитвеното правило во своите молитви да го практикуваат и читањето на псалмите со голема богобојазливост за да нацрпат од овој благодатен извор многу дарови за своја душевна полза - за мир, утешение, здравје и спасение .Амин!
о. Горан Тасески
ПСАЛМИ
Вовед
Псалмите се најдолгата книга во Светото Писмо. Тие се песни кои се пееле со музичка придружба, или, пак, се рецитирале како молитви. Значителен број псалми се напишани од Давид, но има и од други писатели, како што се Асаф, Мојсеј, Соломон и потомците на Кора. Овие песни биле собирани подолго време и заземале важно место во богослужбите на израилскиот народ.
Името Псалми потекнува од насловот на оваа збирка песни во грчкиот превод на Стариот завет.
Сто и шеснаесет псалми содржат пред-текст кој дава податоци за потеклото, видот и музичката придружба на соодветниот псалм. Можат да се издвојат повеќе видови псалми, меѓу кои:
1. Химни, или славословија кои Го слават Господа. Такви псалми се: 8, 9, 32, 99, 102-104, 110, 112, 113, 116, 134, 135, 144-149.
2. Псалми во кои Господ е прикажан како Цар: 46, 92, 95-98.
3. Псалми за владетелите: 2, 17, 19, 20, 44, 71, 88, 100, 109, 143.
4. Сионски песни: 45, 47, 75, 86, 131.
5. Псалми за верата во Бога: 1, 36, 48, 72, 77, 111, 118, 126, 132.
6. Псалми испеани во неволји: 11, 43, 57, 59, 73, 78, 79, 82, 84, 89, 93, 105, 107, 122, 125, 136
7. Молитви упатени кон Бога, поради несреќи: 5-7, 12, 16, 21, 24, 25, 27, 30, 34, 37, 38, 40-42, 50, 53, 56, 58, 60, 62, 63, 68–70, 85, 87, 101, 108, 119, 129, 139-142.
8. Благодарствени псалми: 9-10, 29, 31, 33, 39, 91, 106, 115, 117.
Инаку и Исус пеел некои псалми, заедно со Неговите ученици (види Мр. 14,26).
Псалмите се цитирани повеќе од сто пати во новозаветните книги. Некои псалми содржат прототипови за Личноста на Исус Христос. На пример, псалмите 21 и 68 ги претскажуваат Христовите страдања, додека псалмите 15, 109 и 117 содржат елементи на Христовото воскресение и слава. Псалми во суштина се состои од пет книги и тоа: 1. Пс. 1-40, 2. Пс. 41-71, 3. Пс. 72-88, 4. Пс. 89-105 и 5. Пс. 106-151.
Извор: БИБЛИЈА
Друго: