На празникот на Свети Атанасиј Велики, архиепископ Алесандриски, 31.01.2010, недела, во храмот „Св. Атанасиј“ во Неготино беше отслужена Света Божествена Литургија. На Литургијата чиноначалствуваше Архиепископот Охридски и Македонски Г.Г. Стефан во сослужение на Митрополитот Повардарски г. Агатангел.
По завршувањето на Литургијата, Архиепископот и Митрополитот Агатангел на покана на сопствениците на винаријата „Попова кула, која е една од најстарите и најдобри винарии во нашата држава, ја посетија винаријата.
Следејќи ги советите на своите консултанти од Франција, Крал Александар Караѓорѓевиќ не случајно одлучил да посади лозови насади во Македонија во околината на Демир Капија, регион каде се одгледувани врвни винови лози уште од дамнешни времиња. На падините со јужна експозиција западно од гратчето Демир Капија по совет на француските консултанти биле засадени првите лозови насади. На тие исти падини се подигнати новите лозови насади, а тука е изградена и винарската визба Попова Кула.
За време на Отоманското царство во околината на оваа локација постоела Бегова Кула, а покасно на оваа локација е изградена Поповата Кула по која е крстена и оваа локација. Вештите раце на каменоресците од Пустец Албанија му дадоа душа на објектот. Тој плени со убавина и импозантност. Во објектот е планиран и ресторан како и мотел. Природните убавини , луксузниот објект, близината на автопатот, инфраструктурата како и преубавите вина овозможуваат овој винарски комплекс да прерасне во привлечно туристичко свратилиште сите оние кои престојуваат подолго или пак се на минување низ Македонија.
Демир Капија е еколошки и живописен крај. Демиркаписката клисура, железната порта, некогаш била единствената врата меѓу Егејот и Континентот. Регион идиличен во довикувањето на претставата на недопрена природа - распослана во пресрет на Вардарската Клисура, разиграна со вливот на водите. Во подножјето на Кожув, извира Дошница, го позема од понорницата светлото на небесното видело и сончевината и ита кон Вардар. Играта на светлината и сенките се огледува во окото на гроздовите. Долината е вистински туристички предизвик за мали и лагодни прошетки, но ја нуди и возбудата на виорот на јавањето. Близината на планината ја дава можноста за планинарење, планински велосипедизам и лов Демиркаписките карпи и планини се царство на особено ретките птици што ги има само во овој крај.
Винарската Визба Попова Кула започна со производство на првокласно вино со бербата 2005 откупувајќи грозје од најдобрите лозови насади во околијата. Со висок критериум на избор на грозје, висока технологија за преработка и следење на текот на производството како и квалитетен стручен тим создадени се висококвалитетни сортни вина: Вранец, Кабернет Совињон, Мерлот, Станушина и Совињон Бланк.. Со голема љубов кон она што Македонија може да понуди, создадено е румено вино од можеби единственото автохтоно грозје - Станушината, а кое со години е потиснувано и на кое му се заканува истребување.
Извор: http://www.povardarska-eparhija.org.mk/pe//index.php?option=com_content&task=view&id=831&Itemid=32