Скопје, 8 ноември (МИА) - Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) денеска со свечена академија одбележа 40 години од своето постоење, исполнети со макотрпна научно-истражувачка работа, со над 300 изданија и исто толку истражувачки проекти, околу 200 научни собири, билатерална соработка со над 25 национални академии.
Честитајќи го јубилејот, првиот човек на највисоката научна институција, академик Цветан Грозданов, рече дека академскиот труд е малку вреднуван зашто во Република Македонија за науката се одвојуваат само 0,25 отсто од бруто-националниот доход, што е најниска ставка меѓу земјите на Југоисточна Европа.
-Сакаме да веруваме дека постоењето и функцијата на МАНУ не се декоративен украс на државноста на Република Македонија, рече Грозданов. Тој се осврна на историскиот развој на МАНУ и на нејзиниот придонес во општествениот развој и на фактот, како што рече, што државните органи малку ги користат изворите на податоци што ги поседува Академијата.
- Повеќе години немаме Министерство за наука како посебен ресор, значајни ракописи не се публикувани поради недостиг на средства...постои одлив на млади научни кадри, додаде Грозданов.
Претседателот на Академијата во оваа пригода го подвлече ставот на МАНУ дека името на Република Македонија не може да биде заменувано. - Тоа не е прашање на прагматичен договор, бидејќи именувањето на државата е неотуѓиво право на нејзините граѓани, истакна Грозданов.
Посети: {moshits}