На 16 декември Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Европски г. Пимен оствари службена средба со новоназначениот владика на Пјаченца Неговата Екселенција Монсињор Gianni Ambrosio. На средбата пред се беа разменети позитивните искуства и впечатоци за добрите односи помеѓу македонската православна заедница и католичката црква во Пјаченца, односи кои се негуваат обострано веќе повеќе од петнаесет години. Митрополитот г. Пимен потсети и на фактот дека во Пјаченца и околината има повеќе од 5000 Македонци кои имаат потреба од свој духовен пастир кој постојано ќе борави меѓу нив во овој град, при тоа најавувајќи дека има намера да постави постојан свештеник претстојател на оваа голема ЦО во Европската епархија.
Средбата беше искористена да се побара и ново продолжување на договорот за понатамошно непречено користење на католичкиот храм S. Fermo за литургиски и др. богослужбени и црковни потреби на македонската заедница. За овие работи му поднесе на владиката Ambrosio писмено известување и барање.
Европскиот владика ја искористи посетата на Пјаченца и да посети некоја од повеќето македонски фирми кои успешно стопанисуваат и во ова време на светска рецесија. Покрај другите го посети и металостругарскиот погон на г-дин Антонио Петров.
На денот на св. Николај Митрополитот Пимен во сослужение со намесникот на јужноевропското намесништво протопрезвитер отец Михајло Матевски служеше света Божествена Литургија во храмот на МПЦО „Св. Прохор Пчински во Пјаченца“ (S. Fermo). По службата оствари и средба со членовите на црковната управа при што се разговараше за подготовките околу пречекот на новиот парохиски свештеник. До сега со оваа Црковна општина во Пјаченца пастирствуваше свештеникот отец Михајло Матевски со седиште во Неиве, Пиемонте при МПЦО „Св. Архангел Михаил“, но многубројните и зголемени активности во оваа ЦО беа причина повеќе за владиката г. Пимен да донесе одлука за поставување на нов и постојан свештеник и во Пјаченца.
Ден потоа односно на 20 декември Митрополитот Пимен беше во посета на првата ЦО во Италија „Св. Архангел Михаил“ во Неиве, каде во присуство на голем број верници служеше Света Евхаристија со голем број причесници. По службата Архипастирот се задржа со верниците во храмот меѓусебно благодарејќи Му на Бога за големиот успех кој го остварува оваа Црковна општина.
За Преминпортал од Пјаченца : отец Михајло Матевски