ПСАЛМ 54
Молитва за помош против лажни браќа
1 Чуј ја, Боже, молитвата моја и не криј се од моето молење;
2 погледај ме и услиши ме. Нажален сум во тагата моја
3 и збунет сум од гласот на непријателите, од притисокот на грешниците, зашто вршат врз мене беззаконие и со гнев разгоруваат непријателство против мене.
4 Срцето мое затрепери во мене, и смртен страв ме спопадна;
5 страв и трепет ме сполетаа, и стравотии ме обзедоа.
6 И јас реков: „Кој ќе ми даде крилја гулабови, па да одлетам и да се успокојам;
7 далеку би отишол и би се сместил во пустината;
8 би побрзал да си најдам засолниште од бурата и виорот.
9 Смути ги, Господи, и раздели ги нивните јазици, зашто видов насилство и расправии во градот.”
10 Дење и ноќе обиколуваат покрај ѕидовите негови; и во него беззаконие, мака и неправда има;
11 а не недостасува ни измама и лукавство по улиците негови.
12 Да ме беше навредил непријателот мој, тоа би го поднел, и завидливецот мој да се беше покажал силен, јас ќе се сокриев;
13 но тоа беше ти, човеку, кој си како јас, другар мој и пријател мој,
14 со кого радосно се дружев и сме оделе заедно во Божјиот дом!
15 Смртта нека дојде на нив; да слезат живи во пеколот, зашто пакост има среде нив, во живеалиштата нивни.
16 Јас, пак, Бога ќе Го повикам, и Господ ќе ме слушне.
17 Навечер и наутро, и напладне ќе молам и ќе викам, и Тој ќе го чуе гласот мој,
18 ќе ја избави во мир душата моја од оние, кои ми се приближуваат, зашто многу ги има што се против мене,
19 Бог ќе ме чуе и ќе ги понизи; Оној, Кој вечно царува, зашто во нив нема промена; тие не се плашат од Бога.
20 Ги креваат рацете свои против оние, со кои живееја во мир, го нарушија Неговиот завет.
21 Говорот им е мек како кајмак, а во срцето им е непријателство; зборовите им се како масло, но тие се стрели.
22 Пренеси ја на Господ маката своја, и Тој ќе те поткрепи. Тој нема да дозволи праведниот човек да пострада.
23 Ти, Боже, ќе ги фрлиш во погибелна јама; крвниците и измамниците нема да поживеат ни половина од деновите свои. Јас, пак, во Тебе се надевам!
„Ќе му пеам на Господа се додека постојам. “
Од преполнетото срце на Давида и другите псалмописци, се изли копнежот на секое срце човечко да заедничари со Бога да испроси од Бога прошка за согрешенијата, изливајќи го низ благопријатната песна своето покајание пред престолот Божји и од Сесилниот Господ да побара заштита од злото кое постојано го притиска.
Секоја Богобојажлива душа колку повеќе ги чита светите псалми се повеќе во неа се буди радоста која произлегува од посетата на Божјата благодат и се влева во неа мир и сигурност од закрилата на цврстата закрила Божја.
Господ наш Исус Христос ги посочува и како пророштва за она што стана со Него а заради нашето спасение /лк.24.44/.Светите Апостоли пак ги препорачуваат на верните за усовршување во верата/Еф.5.19/. Великите отци наши /св.Атанасиј Велики , св.Григориј Ниски , св. Јован Златоуст .../со голема радост говорат за нивната душеполезност во своите беседи и одговори на верниците за поуките од псалмите, препорачуваќи ги на верните што повеќе да ги читаат. Светата Црква поделуваќи ги во таканаречени катизми ги распоредила во богослужбениот неделен циклус со цел да се прочита целиот псалтир за една седмица, а за време на Великиот пост и два пати. За жал денес катизмите честпати се прескокнуваат на богослужбите од причини да се постигне во време и другите обврски да можат да се завршат, а ако се земе во обзир и тоа што во многу храмови не се служзи секојдневно/ да не бидам погрешно сватен ова најчесто се случува од практична па и финансиска невозможност/за да не се маргинизира псалтирот и верните да не се исклучат од големите дарови кои произлегуваат од неговото читање се препорачува на верните покрај молитвеното правило во своите молитви да го практикуваат и читањето на псалмите со голема богобојазливост за да нацрпат од овој благодатен извор многу дарови за своја душевна полза - за мир, утешение, здравје и спасение .Амин!
о. Горан Тасески
ПСАЛМИ
Вовед
Псалмите се најдолгата книга во Светото Писмо. Тие се песни кои се пееле со музичка придружба, или, пак, се рецитирале како молитви. Значителен број псалми се напишани од Давид, но има и од други писатели, како што се Асаф, Мојсеј, Соломон и потомците на Кора. Овие песни биле собирани подолго време и заземале важно место во богослужбите на израилскиот народ.
Името Псалми потекнува од насловот на оваа збирка песни во грчкиот превод на Стариот завет.
Сто и шеснаесет псалми содржат пред-текст кој дава податоци за потеклото, видот и музичката придружба на соодветниот псалм. Можат да се издвојат повеќе видови псалми, меѓу кои:
1. Химни, или славословија кои Го слават Господа. Такви псалми се: 8, 9, 32, 99, 102-104, 110, 112, 113, 116, 134, 135, 144-149.
2. Псалми во кои Господ е прикажан како Цар: 46, 92, 95-98.
3. Псалми за владетелите: 2, 17, 19, 20, 44, 71, 88, 100, 109, 143.
4. Сионски песни: 45, 47, 75, 86, 131.
5. Псалми за верата во Бога: 1, 36, 48, 72, 77, 111, 118, 126, 132.
6. Псалми испеани во неволји: 11, 43, 57, 59, 73, 78, 79, 82, 84, 89, 93, 105, 107, 122, 125, 136
7. Молитви упатени кон Бога, поради несреќи: 5-7, 12, 16, 21, 24, 25, 27, 30, 34, 37, 38, 40-42, 50, 53, 56, 58, 60, 62, 63, 68–70, 85, 87, 101, 108, 119, 129, 139-142.
8. Благодарствени псалми: 9-10, 29, 31, 33, 39, 91, 106, 115, 117.
Инаку и Исус пеел некои псалми, заедно со Неговите ученици (види Мр. 14,26).
Псалмите се цитирани повеќе од сто пати во новозаветните книги. Некои псалми содржат прототипови за Личноста на Исус Христос. На пример, псалмите 21 и 68 ги претскажуваат Христовите страдања, додека псалмите 15, 109 и 117 содржат елементи на Христовото воскресение и слава. Псалми во суштина се состои од пет книги и тоа: 1. Пс. 1-40, 2. Пс. 41-71, 3. Пс. 72-88, 4. Пс. 89-105 и 5. Пс. 106-151.
Извор: БИБЛИЈА
Издавач: Библиско здружение на Р.Македонија