Денес нашата света Црква ликува, пеејќи му на својот рамноапостолен патрон и великопроповедник на Евангелието за Царството небесно. Се радува древниот град Охрид и со љубов го слави споменот на големиот и славен словенски просветител и охридски чудотворец, Св. Климент, кој како добар пастир ги прибра народите мизиски, ги приведе со крштението и ги поведе по патот на Вистината, правејќи ги народ избран, избавен од ропството на неверието и оковите на страстите. Затоа верниот народ благодарно ги опева неговите неуморни подвизи, славејќи ги бројните чудеса и имајќи го за моќен застапник, кој непрестајно се моли пред Бога, како вистински сострадален и чедољубив татко.
Со својот свет живот, пастирска грижа, пожртвувана љубов за своите чеда, Св. Климент останува како пример за вистински духовен татко на нашиот народ, пример кој и ден денес го следат нашите архиереи, трудејќи се да го подражаваат во своите подвизи и грижа за паствата. Затоа не случајно игуменот на манастирот на Св. Наум, Архимандрит Нектариј, како и игуменот на Бигорскиот манастир и манастирот во Рајчица, Архимандрит Партениј, го избраа токму овој ден за да ја изразат својата љубов и благодарност кон својот архиереј, Митрополитот Дебарско-Кичевски и Плаошки г. Тимотеј, за неговата долгогодишна пастирска грижа и ревносниот труд за ползата на Црквата.
За време на торжествената богослужба, на која присуствуваше големо мнозинство на верници, тие му подарија на својот пастир рачно везени архиерејски одежди, на кои со вез е претставен Коренот на Јесеј – Богородица со пророците, навистина ретко и вредно мајсторско дело на монашките раце. Овие одежди се изработени во манастирот посветен на Пресвета Богородица Одигитрија во Титореа, Грција. Трудољубивите монаси од овој манастир посветија една цела година на одеждите, неуморно работејќи на богатиот вез и збогатувајќи го својот труд со непрестаjни молитви, а еве, сега, тие ќе бидат израз на духовното достоинство на славниот град Охрид и неговиот архиереј.
Нека Пресвета Богородица Одигитрија, во Чии прегратки беа направени овие одежди, го благослови нашиот Mитрополит, нека го храни со благодат и духовна мудрост, за уште долги години да ги води своите чеда по патот што ни го покажа славниот наш патрон, Св. Климент, а тој да не закрилува постојано со своите молитви пред Бога, Милостивиот.
Известуваат: сестрите од манастирот во Рајчица