Во Името на Отецот и Синот и Светиот Дух! Амин!
Возљубени браќа и сестри ова чудо што Го направи Господ, исцелувајќи Го овој човек бесомачен на многу години, којшто се однесуваше застрашувачки, зашто не живееше во својот дом, ниту се облекуваше во облека како луѓето , туку демонот, односно демоните го тераа да оди по пусти места и да живее во гробови и луѓето се плашеа од него , се плашеа дури и да минуваат низ тој крај, како што сведочи еден друг од Евангелистите. Со оваа евангелска приказна, со оваа евангелска вистина Господ ни кажува и ни покажува три патолошки состојби на божјото создание во однос на Бога.
Најпрвин болната состојба на човекот којшто сосема запустен од гревот и помрачен од присуството на демоните живееше сосема неприкладно на човечки живот, но тој сепак иако без свест, иако помрачен, иако разболен не избега од Христа , туку се соочи со Него, посакувајќи го своето оздравување и Господ знаејќи го срцето на човекот Го исцели и тој потоа стана здрав со здрав разум и се однесуваше како вистински човек приврзан кон Бога. Тој дури Го молеше Христа да оди заедно со него, меѓутоа Христос имаше за него предвидено друга мисија , мисија во неговиот сопствен дом .
Друга патолошка состојба е реакцијата на демоните, тие како што гледаме не само што се плашат од Бога, туку и Го исповедаат Христа за Син Божји. Тоа што во тоа време уште ни луѓето не го знаеа, ниту им беше откриено, меѓутоа како духовни суштества, тие Го знаеа Бога уште предвечно, уште кога се одвиваше борбата меѓу Сатанаил и ангелите негови со ангелите Божји. Тие единствено на што реагираат гледаме дека е стравот, тие се плашат од Христа да не Ги прати во бездната.