20.11.2009.
На 19.11.2009 година (четврток) во салата на општина Велес се одржа трибина со работен наслов „Вредностите на модерното општество“ на која, меѓу другите, учество зема и секретарот на Повардарската епархија, ѓакон Влатко Стоименов. Тој во своето воведно излагање, на присутните се обиде да им ги појасни доблестите и принципите врз кои почива христијанската вера, и да објасни дека тежнеењето кон доброто, убавото и возвишеното се всушност принципите кои треба да бидат патеводитеки на сите христијански души за определување и придржување кон вредностите во денешното модерно општество, кое е обременето со голем број на предизвици.
Корелацијата меѓу доброто и убавото, во нивната длабока и суштинска смисла, ѓаконот Стоименов во своето излагање ја претстави со бројни примери од духовниот живот, но и со нејзината трансформација од теорија во практика во световниот живот. Светото Писмо, односно зборовите на живиот Бог, Исус Христос, беше следната тема во излагањето на ѓаконот, кој се обиде на присутните да им ја претстави книгата над сите книги и нејзиното значење.
„Еден човек се нашол во пустина во која живееле примитивни племиња човекојадци и наишол на еден припадник на такво племе како седи под едно дрво и го чита Светото Писмо. Во разговорот со него, тој го прашал зошто ја чита таа застарена книга која содржи примитивни работи од кои нема што да се научи. На ова овој му одговорил дека ако не ја читал оваа книга најверојатно до сега ќе го изедел“
Преку вакви примери ѓаконот Стоименов, на присутните, се обиде да им ги објасни пораките кои ни ги дава Светото Писмо за насоките во кои треба да живееме. Токму затоа тој уште еднаш потенцираше дека веронауката треба да биде составен дел од образовниот процес, во кој децата уште од мали нозе ќе можат да го препознаат Господ Бог и да го примат во своите животи како патеводителка за вистинско соочување и одговарање на сите предизвици кои со себе ги носат овие модени времиња и општества во кои живееме.
По завршувањето на своето излагање, ѓаконот Влатко Стоименов им беше достапен на сите присутни за да одговори на сите прашања кои ги интересираа.
Трибината ја организирше Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ од Велес.