Господин ПИМЕН, митрополит на Европската епархија на Македонската Православна Црква:
- И СО АВТОКЕФАЛНОСТ ОД СПЦ, ПРАВОСЛАВНИОТ СВЕТ НЕМА ЦЕЛОСНО ДА НЕ ПРИФАТИ ЗАРАДИ ГРЧКИТЕ ЦРКВИ
- МПЦ ИМА ПОГОЛЕМ ПРОБЛЕМ ОД ГРЧКИТЕ ЦРКВИ, ОТКОЛКУ СО СРПСКАТА !
- 'ОХРИДСКА АРХИЕПИСКОПИЈА' ЈА ЗАШТИТИВМЕ ЗА ЈОВАН ДА НЕ ЈА ПРЕСТАВУВА КАКО ДЕЛ ОД ГРЧКАТА ЦРКВА
Со своите 38 години, по г. Иларион (34 г.) и г. Климент (37 г.), г. Пимен Илиевски е најмлад во редовите на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква. Роден во Ресен, тој е еден од оние што со владиците Наум, Методиј и Климент, се единствените Архиереи на МПЦ што немаат завршено средно Богословско школо. Како студент на Теолошкиот факултето, кај него се раѓа желбата да отиде во манастир, па, по завршување на Трета година факултет, заминува во 'Св. Леонтиј Водоча' во Струмица во 1997 г., каде и го добива монашкиот потстриг. Набрзо потоа, станува игумен на истиот манастир, период кога и вонредно го завршува Теолошкиот факултет. На предлог на Синодот на МПЦ, како Архимандрит, заминува во Париз во 2004 г., на постдипломски студии на 'Св. Сергеј' факултетот, каде и ја обавува парохиската служба во тамошната црковна општина. За време на студиите, г. Пимен е хиротонисан, заедно со Методиј и Климент, при што станува викарен епископ Пољански и како таков е ракоположен на соборот на сите Македонски светии во октомври 2005 г. во 'Св. Софија' во Охрид. Пред три години, тој е поставен за митрополит Европски, при што го сели седиштето на епархијата во Малме, Шведска.
Важи за еден од постабилните, посмирените владици на нашата Црква, еден од ретките Архиереи на МПЦ зад кого не се влечат различни 'опашки' од минатото. Неговите колумни во 'Дневник', минатата година, предизвикуваа огромно внимание и восхит во јавноста, па преку него се разби мислењето дека Архиереите на САС на МПЦ се затворена дружина, што не е отворена за јавност и гледа само да тера бизниси.
За 'додавката' Охридска Архиепископија на името на МПЦ и што таа ќе донесе со себе, за односите со српските и грчките владици во Европската епархија, за сомнителните бизниси на нашата Црква, за 'сопките' и обидите за детронизација на Архиепископот г.г. Стефан..., владиката Пимен отворено говори во интервјуто за 'Фокус'.
Разговарал: Бобан НОНКОВИЌ
(Продолжува)