ПСАЛМ 41
Копнеж за светилиште во туѓа земја
1 Како што кошутата копнее по водни извори, така и душата моја, Боже, копнее по Тебе!
2 Душата моја жедува за Бога, за живиот Бог: кога ќе дојдам и ќе го гледам лицето Божјо?
3 Солзите мои беа леб за мене и дење и ноќе, кога секој ден ми зборуваа: каде е твојот Бог?
4 Се сетив на тоа и ја излив душата своја: како чекорев со мноштвото, ги предводев до Божјиот дом - при гласно воскликнување и прославување, како на голем празник.
5 Зошто тагуваш, душо моја, и зошто си вознемирена? Надевај се на Бога, бидејќи јас пак ќе Го славам мојот Помошник, мојот Бог.
6 Тагува душата моја во мене, поради тоа ќе си спомнувам на Тебе од земјата Јорданска, од Ермон и од гората Мицар.
7 Бездна повикува бездна со гласот на Твоите водопади; сите Твои води и Твои бранови навалија на мене.
8 Дење Господ ми ја покажува милоста Своја, а јас ноќе ќе Му пеам и ќе Му се молам на Бога на мојот живот.
9 Ќе Му речам на Бога: Ти си моето засолниште. Зошто ме заборави? Зошто одам нажален додека непријателот ме притиска?
10 Трошејќи ги коските мои, непријателите мои се подигруваат со мене, велејќи ми секој ден: каде е твојот Бог?
11 Зошто тагуваш, душо моја, и зошто си вознемирена? Надевај се на Бога, бидејќи Него јас пак ќе Го прославувам, мојот Помошник, мојот Бог.
„Ќе му пеам на Господа се додека постојам. “
Од преполнетото срце на Давида и другите псалмописци, се изли копнежот на секое срце човечко да заедничари со Бога да испроси од Бога прошка за согрешенијата, изливајќи го низ благопријатната песна своето покајание пред престолот Божји и од Сесилниот Господ да побара заштита од злото кое постојано го притиска.
Секоја Богобојажлива душа колку повеќе ги чита светите псалми се повеќе во неа се буди радоста која произлегува од посетата на Божјата благодат и се влева во неа мир и сигурност од закрилата на цврстата закрила Божја.
Господ наш Исус Христос ги посочува и како пророштва за она што стана со Него а заради нашето спасение /лк.24.44/.Светите Апостоли пак ги препорачуваат на верните за усовршување во верата/Еф.5.19/. Великите отци наши /св.Атанасиј Велики , св.Григориј Ниски , св. Јован Златоуст .../со голема радост говорат за нивната душеполезност во своите беседи и одговори на верниците за поуките од псалмите, препорачуваќи ги на верните што повеќе да ги читаат. Светата Црква поделуваќи ги во таканаречени катизми ги распоредила во богослужбениот неделен циклус со цел да се прочита целиот псалтир за една седмица, а за време на Великиот пост и два пати. За жал денес катизмите честпати се прескокнуваат на богослужбите од причини да се постигне во време и другите обврски да можат да се завршат, а ако се земе во обзир и тоа што во многу храмови не се служзи секојдневно/ да не бидам погрешно сватен ова најчесто се случува од практична па и финансиска невозможност/за да не се маргинизира псалтирот и верните да не се исклучат од големите дарови кои произлегуваат од неговото читање се препорачува на верните покрај молитвеното правило во своите молитви да го практикуваат и читањето на псалмите со голема богобојазливост за да нацрпат од овој благодатен извор многу дарови за своја душевна полза - за мир, утешение, здравје и спасение .Амин!
о. Горан Тасески
ПСАЛМИ
Вовед
Псалмите се најдолгата книга во Светото Писмо. Тие се песни кои се пееле со музичка придружба, или, пак, се рецитирале како молитви. Значителен број псалми се напишани од Давид, но има и од други писатели, како што се Асаф, Мојсеј, Соломон и потомците на Кора. Овие песни биле собирани подолго време и заземале важно место во богослужбите на израилскиот народ.
Името Псалми потекнува од насловот на оваа збирка песни во грчкиот превод на Стариот завет.
Сто и шеснаесет псалми содржат пред-текст кој дава податоци за потеклото, видот и музичката придружба на соодветниот псалм. Можат да се издвојат повеќе видови псалми, меѓу кои:
1. Химни, или славословија кои Го слават Господа. Такви псалми се: 8, 9, 32, 99, 102-104, 110, 112, 113, 116, 134, 135, 144-149.
2. Псалми во кои Господ е прикажан како Цар: 46, 92, 95-98.
3. Псалми за владетелите: 2, 17, 19, 20, 44, 71, 88, 100, 109, 143.
4. Сионски песни: 45, 47, 75, 86, 131.
5. Псалми за верата во Бога: 1, 36, 48, 72, 77, 111, 118, 126, 132.
6. Псалми испеани во неволји: 11, 43, 57, 59, 73, 78, 79, 82, 84, 89, 93, 105, 107, 122, 125, 136
7. Молитви упатени кон Бога, поради несреќи: 5-7, 12, 16, 21, 24, 25, 27, 30, 34, 37, 38, 40-42, 50, 53, 56, 58, 60, 62, 63, 68–70, 85, 87, 101, 108, 119, 129, 139-142.
8. Благодарствени псалми: 9-10, 29, 31, 33, 39, 91, 106, 115, 117.
Инаку и Исус пеел некои псалми, заедно со Неговите ученици (види Мр. 14,26).
Псалмите се цитирани повеќе од сто пати во новозаветните книги. Некои псалми содржат прототипови за Личноста на Исус Христос. На пример, псалмите 21 и 68 ги претскажуваат Христовите страдања, додека псалмите 15, 109 и 117 содржат елементи на Христовото воскресение и слава. Псалми во суштина се состои од пет книги и тоа: 1. Пс. 1-40, 2. Пс. 41-71, 3. Пс. 72-88, 4. Пс. 89-105 и 5. Пс. 106-151.
Извор: БИБЛИЈА
Издавач: Библиско здружение на Р.Македонија