ПСАЛМ 34
Молитва за спасение од пакосни непријатели
1 Осуди ги, Господи, оние кои ме осудуваат, и собори ги оние што се борат против мене;
2 земи оружје и штит и дојди ми на помош;
3 извади го мечот и пресретни ги гонителите мои; кажи ѝ на душата моја:
„Јас сум спасение Твое!”
4 Нека бидат посрамени и исмејани оние што ја бараат душата моја: нека се повлечат и нека се посрамат, оние што ми мислат зло;
5 нека бидат како прав пред ветрот, и ангел Господов да оди по трагата нивна,
6 патот нивни нека биде темен и лизгав, и ангел Господов да ги прогонува,
7 бидејЌи без причина поставија тајна мрежа за моја пропаст, без причина ѝ копаат гроб на душата моја.
8 Нека дојде врз нив ненадејна замка и мрежата нивна, што ја поставија за мене, да ги улови самите нив; нека се сплеткаат во неа и нека загинат.
9 А мојата душа ќе се радува во Господ, ќе се весели поради спасението од Него.
10 Сите коски мои ќе речат: „Господи, кој е подобен на Тебе, Кој спасуваш слаб од силен, беден и сиромав од ограбувач ите нивни?”
11 Се кренаа против мене злобни сведоци: и за она што не го знам ме сослушуваат;
12 ми враЌаат зло за добро, и душата моја запаѓа во осаменост.
13 А кога тие боледуваа, јас се облекував во вреќиште, ја истоштував душата моја со пост, и молитвата ми се враќаше во градите мои.
14 Постапував така, како тој да беше ближен мој, мој брат; одев тажен со наведната глава како оној што тагува по сопствената мајка.
15 А сега, кога јас паднав, тие се зарадуваа и се собраа против мене, ми задаваа рани, а да не знам зошто, ме кинеа и не престануваа;
16 ме доведоа до искушение, ми се потсмеваа многу и со забите свои крцкаа против мене.
17 О, Господи, до кога ќе го гледаш тоа? Оттргни ја душата моја од нивните навалувања, мојата осамена душа – од тие лавови.
18 Тогаш ќе Ти благодарам Господи, на големото собрание, меѓу многуброен народ ќе Те восфалувам;
19 не допуштај да се зарадуваат над мене оние, кои ми се непријатели без причина, кои ме мразат без вина и намигнуваат со очите.
20 Зашто тие не мислат за мир, туку смислуваат измами против мирните во земјата.
21 Ги отворија устите свои против мене, велејќи: „Аха! Аха! Очите наши видоа!”
22 Ти виде Господи, немој да премолчиш; Господи, не отстапувај од мене!
23 Стани, разбуди се да ме одбраниш, о Боже мој и Господи мој, води ја мојата парница!
24 Пресуди ми според Твојата праведност, Господи, Боже мој, та да не ликуваат оние над мене;
25 за да не речат во срцата свои: „Ни се исполни желбата!” и да не кажат: „Го проголтавме.”
26 Нека бидат посрамени и исмејани сите, кои се радуваат на мојата несреќа; да се облечат во срам и бесчестие, оние што се гордеат над мене.
27 Нека се зарадуваат и нека се развеселат, оние што го сакаат моето праведно дело, и непрестајно нека велат: „Велик е Господ, Кој му се радува на доброто на Својот слуга!”
28 И јазикот мој Ќе зборува за праведноста Твоја и за Твојата похвала секој ден.
„Ќе му пеам на Господа се додека постојам. “
Од преполнетото срце на Давида и другите псалмописци, се изли копнежот на секое срце човечко да заедничари со Бога да испроси од Бога прошка за согрешенијата, изливајќи го низ благопријатната песна своето покајание пред престолот Божји и од Сесилниот Господ да побара заштита од злото кое постојано го притиска.
Секоја Богобојажлива душа колку повеќе ги чита светите псалми се повеќе во неа се буди радоста која произлегува од посетата на Божјата благодат и се влева во неа мир и сигурност од закрилата на цврстата закрила Божја.
Господ наш Исус Христос ги посочува и како пророштва за она што стана со Него а заради нашето спасение /лк.24.44/.Светите Апостоли пак ги препорачуваат на верните за усовршување во верата/Еф.5.19/. Великите отци наши /св.Атанасиј Велики , св.Григориј Ниски , св. Јован Златоуст .../со голема радост говорат за нивната душеполезност во своите беседи и одговори на верниците за поуките од псалмите, препорачуваќи ги на верните што повеќе да ги читаат. Светата Црква поделуваќи ги во таканаречени катизми ги распоредила во богослужбениот неделен циклус со цел да се прочита целиот псалтир за една седмица, а за време на Великиот пост и два пати. За жал денес катизмите честпати се прескокнуваат на богослужбите од причини да се постигне во време и другите обврски да можат да се завршат, а ако се земе во обзир и тоа што во многу храмови не се служзи секојдневно/ да не бидам погрешно сватен ова најчесто се случува од практична па и финансиска невозможност/за да не се маргинизира псалтирот и верните да не се исклучат од големите дарови кои произлегуваат од неговото читање се препорачува на верните покрај молитвеното правило во своите молитви да го практикуваат и читањето на псалмите со голема богобојазливост за да нацрпат од овој благодатен извор многу дарови за своја душевна полза - за мир, утешение, здравје и спасение .Амин!
о. Горан Тасески
ПСАЛМИ
Вовед
Псалмите се најдолгата книга во Светото Писмо. Тие се песни кои се пееле со музичка придружба, или, пак, се рецитирале како молитви. Значителен број псалми се напишани од Давид, но има и од други писатели, како што се Асаф, Мојсеј, Соломон и потомците на Кора. Овие песни биле собирани подолго време и заземале важно место во богослужбите на израилскиот народ.
Името Псалми потекнува од насловот на оваа збирка песни во грчкиот превод на Стариот завет.
Сто и шеснаесет псалми содржат пред-текст кој дава податоци за потеклото, видот и музичката придружба на соодветниот псалм. Можат да се издвојат повеќе видови псалми, меѓу кои:
1. Химни, или славословија кои Го слават Господа. Такви псалми се: 8, 9, 32, 99, 102-104, 110, 112, 113, 116, 134, 135, 144-149.
2. Псалми во кои Господ е прикажан како Цар: 46, 92, 95-98.
3. Псалми за владетелите: 2, 17, 19, 20, 44, 71, 88, 100, 109, 143.
4. Сионски песни: 45, 47, 75, 86, 131.
5. Псалми за верата во Бога: 1, 36, 48, 72, 77, 111, 118, 126, 132.
6. Псалми испеани во неволји: 11, 43, 57, 59, 73, 78, 79, 82, 84, 89, 93, 105, 107, 122, 125, 136
7. Молитви упатени кон Бога, поради несреќи: 5-7, 12, 16, 21, 24, 25, 27, 30, 34, 37, 38, 40-42, 50, 53, 56, 58, 60, 62, 63, 68–70, 85, 87, 101, 108, 119, 129, 139-142.
8. Благодарствени псалми: 9-10, 29, 31, 33, 39, 91, 106, 115, 117.
Инаку и Исус пеел некои псалми, заедно со Неговите ученици (види Мр. 14,26).
Псалмите се цитирани повеќе од сто пати во новозаветните книги. Некои псалми содржат прототипови за Личноста на Исус Христос. На пример, псалмите 21 и 68 ги претскажуваат Христовите страдања, додека псалмите 15, 109 и 117 содржат елементи на Христовото воскресение и слава. Псалми во суштина се состои од пет книги и тоа: 1. Пс. 1-40, 2. Пс. 41-71, 3. Пс. 72-88, 4. Пс. 89-105 и 5. Пс. 106-151.
Извор: БИБЛИЈА
Издавач: Библиско здружение на Р.Македонија