ПСАЛМ 25
Молитва за спасение во простота
1 Оправдај ме, Господи, бидејќи одев непорочно и непоколебливо верував во Господ.
2 Искушај ме, Господи, испитај ме; отвори ги утробата моја и моето срце.
3 Твојата милост е пред очите мои, а јас одам во Твојата вистина,
4 со луѓе суетни не седам и со престапници на законот Твој не се дружам;
5 го намразив друштвото на злонамерните; со нечестивите нема да седнам;
6 ги мијам рацете свои во невиноста и го обиколувам жртвеникот Твој, Господи,
7 за да ја разгласувам похвалата Твоја и да ги раскажувам сите Твои чудесни дела.
8 Господи, го возљубив домот, во кој престојуваш и местото каде што пребива славата Твоја.
9 Не погубувај ја душата моја со грешници и животот мој со крвопијци,
10 во чии раце има злочини, чија десница е полна со поткупи.
11 Јас, пак, одам во својата непорочност, избави ме, Господи, и помилуј ме.
12 Ногата моја стои на прав пат, во собранијата ќе Те благословувам, Господи.
ПСАЛМИ
Вовед
Псалмите се најдолгата книга во Светото Писмо. Тие се песни кои се пееле со музичка придружба, или, пак, се рецитирале како молитви. Значителен број псалми се напишани од Давид, но има и од други писатели, како што се Асаф, Мојсеј, Соломон и потомците на Кора. Овие песни биле собирани подолго време и заземале важно место во богослужбите на израилскиот народ.
Името Псалми потекнува од насловот на оваа збирка песни во грчкиот превод на Стариот завет.
Сто и шеснаесет псалми содржат пред-текст кој дава податоци за потеклото, видот и музичката придружба на соодветниот псалм. Можат да се издвојат повеќе видови псалми, меѓу кои:
1. Химни, или славословија кои Го слават Господа. Такви псалми се: 8, 9, 32, 99, 102-104, 110, 112, 113, 116, 134, 135, 144-149.
2. Псалми во кои Господ е прикажан како Цар: 46, 92, 95-98.
3. Псалми за владетелите: 2, 17, 19, 20, 44, 71, 88, 100, 109, 143.
4. Сионски песни: 45, 47, 75, 86, 131.
5. Псалми за верата во Бога: 1, 36, 48, 72, 77, 111, 118, 126, 132.
6. Псалми испеани во неволји: 11, 43, 57, 59, 73, 78, 79, 82, 84, 89, 93, 105, 107, 122, 125, 136
7. Молитви упатени кон Бога, поради несреќи: 5-7, 12, 16, 21, 24, 25, 27, 30, 34, 37, 38, 40-42, 50, 53, 56, 58, 60, 62, 63, 68–70, 85, 87, 101, 108, 119, 129, 139-142.
8. Благодарствени псалми: 9-10, 29, 31, 33, 39, 91, 106, 115, 117.
Инаку и Исус пеел некои псалми, заедно со Неговите ученици (види Мр. 14,26).
Псалмите се цитирани повеќе од сто пати во новозаветните книги. Некои псалми содржат прототипови за Личноста на Исус Христос. На пример, псалмите 21 и 68 ги претскажуваат Христовите страдања, додека псалмите 15, 109 и 117 содржат елементи на Христовото воскресение и слава. Псалми во суштина се состои од пет книги и тоа: 1. Пс. 1-40, 2. Пс. 41-71, 3. Пс. 72-88, 4. Пс. 89-105 и 5. Пс. 106-151.
Извор: БИБЛИЈА
Издавач: Библиско здружение на Р.Македонија