ПСАЛМ 21
Пророштво за страдањата и славата на Месијата
1 Боже мој, Боже мој, зошто ме остави? Зошто си далеку за да ми помогнеш, за да ги чуеш моите повици?
2 Боже мој! Те призивам дење - и Ти не слушаш, и ноќе - и нема мир за мене.
3 Сепак, Ти си свет, опкружен со пофалби од Израил.
4 На Тебе се надеваа татковците наши; се надеваа и Ти ги избави;
5 кон Тебе викаа, и се спасуваа; на Тебе се надеваа, и не се посрамија.
6 А јас сум црв, а не човек, потсмев за луѓето и презир во народот.
7 Сите, што ме гледаат, ми се подбиваат; нишајќи ги главите, велат:
8 „Тој се надеваше на Господ, нека го избави, нека го спаси, ако Му е угоден!”
9 Но Ти ме изведе од утробата, ме успокои на мајчините гради.
10 Кон Тебе сум приврзан уште од зачнувањето мое; од утробата на мајката моја Ти си мој Бог.
11 Не оддалечувај се од мене, зашто неволјата е близу, а нема кој да ми помогне.
12 Многу јунци ме обиколија, дебели јунци ме опкружија,
13 ја отворија устата против мене како лав, кој го раскинува својот плен и рика.
14 Јас се разлеав како вода; сите мои коски се разглобија, срцето мое стана како восок, се топи во моите гради.
15 Силата моја се исуши како цреп, јазикот ми се залепи за непцата, во смртоносен прав ме фрли.
16 Глутница кучиња ме опколија, цела чета од злочинци се врти околу мене; ми ги прободоа рацете и нозете.
17 Можам да си ги пребројам сите коски мои, а тие гледаа и ме презираа;
18 ги разделија меѓу себе алиштата мои, за облеката моја ждрепка фрлија.
19 Но Ти, Господи, не оддалечувај се од мене! Сило моја, побрзај ми на помош!
20 Избави ја од меч душата моја, и од пците еднородната моја;
21 Запази ме од устите лавовски и од роговите биволски спаси ме.
22 Ќе го објавувам името Твое на браќата и сестрите свои, сред собранието ќе Те фалам.
23 Вие, што имате страхопочит кон Господ, восфалете Го! Целото семе Јаковово нека Го прославува; нека се бои од Него целото семе Израилево,
24 зашто Тој не ја презре маката на страдалникот, не го сокри лицето Свое од мене, а ме послуша кога Те повикав.
25 За Тебе е похвалата моја во великото собрание; ќе ги исполнам ветувањата свои пред оние што имаат страхопочит кон Него.
26 Ќе јадат сиромасите и ќе се најадат, ќе го фалат Господа оние што Го бараат; нека живеат срцата ваши довека!
27 Ќе се сетат и ќе се обратат кон Господ сите земни краишта, и ќе се поклонат пред Тебе сите племиња на народите,
28 зашто царството е Господово, и Тој е владетел над народите.
29 Нему ќе Му се поклонат сите заспани во земјата; пред него ќе паднат сите што слегуваат во земјата. А душата моја ќе живее за Него.
30 Потомството мое ќе Му служи, за Господ ќе им се проповеда на идните родови;
31 за избавувањето од Него ќе им се соопштува на луѓето, што ќе се родат, зашто сето тоа Господ го изврши.
ПСАЛМИ
Вовед
Псалмите се најдолгата книга во Светото Писмо. Тие се песни кои се пееле со музичка придружба, или, пак, се рецитирале како молитви. Значителен број псалми се напишани од Давид, но има и од други писатели, како што се Асаф, Мојсеј, Соломон и потомците на Кора. Овие песни биле собирани подолго време и заземале важно место во богослужбите на израилскиот народ.
Името Псалми потекнува од насловот на оваа збирка песни во грчкиот превод на Стариот завет.
Сто и шеснаесет псалми содржат пред-текст кој дава податоци за потеклото, видот и музичката придружба на соодветниот псалм. Можат да се издвојат повеќе видови псалми, меѓу кои:
1. Химни, или славословија кои Го слават Господа. Такви псалми се: 8, 9, 32, 99, 102-104, 110, 112, 113, 116, 134, 135, 144-149.
2. Псалми во кои Господ е прикажан како Цар: 46, 92, 95-98.
3. Псалми за владетелите: 2, 17, 19, 20, 44, 71, 88, 100, 109, 143.
4. Сионски песни: 45, 47, 75, 86, 131.
5. Псалми за верата во Бога: 1, 36, 48, 72, 77, 111, 118, 126, 132.
6. Псалми испеани во неволји: 11, 43, 57, 59, 73, 78, 79, 82, 84, 89, 93, 105, 107, 122, 125, 136
7. Молитви упатени кон Бога, поради несреќи: 5-7, 12, 16, 21, 24, 25, 27, 30, 34, 37, 38, 40-42, 50, 53, 56, 58, 60, 62, 63, 68–70, 85, 87, 101, 108, 119, 129, 139-142.
8. Благодарствени псалми: 9-10, 29, 31, 33, 39, 91, 106, 115, 117.
Инаку и Исус пеел некои псалми, заедно со Неговите ученици (види Мр. 14,26).
Псалмите се цитирани повеќе од сто пати во новозаветните книги. Некои псалми содржат прототипови за Личноста на Исус Христос. На пример, псалмите 21 и 68 ги претскажуваат Христовите страдања, додека псалмите 15, 109 и 117 содржат елементи на Христовото воскресение и слава. Псалми во суштина се состои од пет книги и тоа: 1. Пс. 1-40, 2. Пс. 41-71, 3. Пс. 72-88, 4. Пс. 89-105 и 5. Пс. 106-151.
Извор: БИБЛИЈА
Издавач: Библиско здружение на Р.Македонија