Пожар во манастирот Св. Јован Бигорски
30.09.2009 11:36 A1
Пожар во манастирот Св. Јован Бигорски
Во 4 часот утрото избувна пожарот во манастирот Св. Јован Бигорски. Проблеми во инсталацијата на електричните и плинските уреди во кујната, според првичните сознанија, се причина за пожарот, изјави Екрем Зендели, заменик директор на Дирекцијата за заштита и спасување.
Пламенот прво ги зафатил кујнскиот дел, по што се проширил во трпезаријата, конаците и библиотеката, кои се целосно изгорени, но нема повредени лица.
Штетата од пожарот во манастирот Св. Јован Бигорски, според првичните проценки на надлежните институции, изнесува над 5,5 милиони евра. Но, трајно се уништени и објекти и предмети чија историска и културна вредност е ненадоместлива.
Противпожарните служби успеале да го заштитат стариот дел од црквата, а монасите ги извлекле поважните предмети кои биле во опожарените објекти. Ангажирани биле и хеликоптери на АРМ кои помогнале за локализирање на пожарот.
Од монасите во манастирот, неофицијално се дознава дека пожарот започнал во спалната соба, каде што во тој момент спиеле деветмина монаси од Братството, и благодарение на нивната брза интервенција, спасен е вредниот иконостас и галеријата со икони.
Веднаш по избувнувањето на пожарот било пријавено во полициската станица во Ростуше. Во локализирање на пожарот учествувале противпожарните екипи од Дебар, Тетово, Гостивар, Струга и Скопје, кои до 7 часот утрото се бореле со огнената стихија.
Во манастирот пристигна претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов. Таму е висока црковна делегација предводена од поглаварот на МПЦ г.г. Стефан, а таму е и директорот на Управа за заштита на културното наследство Паско Кузман. Местото го обезбедува полицијата.
Највено е формирање работно тело кое ќе ги координира активностите околу возобновувањето на манастирот. Со помош на АРМ ќе бидат обезбедени монтажни објекти за привремено сместување на монасите.
Инаку, манастирот го основал монахот Јован во 1020 година а во XVI век манастирот бил разурнат од Турците, и останала само една мала црква, а обновен е во 1743 година.
Манастирот Св. Јован Бигорски надалеку е познат по својот иконостас изработен од мајсторските раце на тајфата на Петре Филипов - Гарката од селото Гари, кој за среќа остана недопрен од пожарот.