ПСАЛМ 15
Добро наследство на светиите
1 Закрили ме Боже, зашто кај Тебе се засолнувам.
2 Му реков на Јахве: „Ти си Господ мој: без Тебе, нема блаженства за мене.”
3 По светиите, кои се на земјата - вистинските благородници - со радост копнеам.
4 Оние што следат туѓи богови, ги намножуваат своите страдања; јас нема да ги принесувам нивните крвави преливи и со устата своја нема да ги спомнам нивните имиња.
5 Господ е дел на моето наследство и од чашата моја. Ти си Оној Кој го држи в раце наследството мое.
6 Меѓите ми паднаа на најубавото; зашто наследството ми е најубаво.
7 ќе го благословувам Господа, Кој ме вразумува; па дури и ноќе ме учи мојот внатрешен глас.
8 Секогаш пред очи ми е Господ, зашто Тој е од мојата десна страна, за да не се поколебам.
9 Заради тоа се радува срцето мое, и воскликнува јазикот мој; па дури и телото мое спокојно почива,
10 зашто Ти нема да ми ја оставиш душата моја во пеколот, ниту, пак, светецот Твој да види распаѓање.
11 Ти ми го покажа патот на животот; полнота од радост има пред Твоето присуство; вечно блаженство е во Твојата десница.
ПСАЛМИ
Вовед
Псалмите се најдолгата книга во Светото Писмо. Тие се песни кои се пееле со музичка придружба, или, пак, се рецитирале како молитви. Значителен број псалми се напишани од Давид, но има и од други писатели, како што се Асаф, Мојсеј, Соломон и потомците на Кора. Овие песни биле собирани подолго време и заземале важно место во богослужбите на израилскиот народ.
Името Псалми потекнува од насловот на оваа збирка песни во грчкиот превод на Стариот завет.
Сто и шеснаесет псалми содржат пред-текст кој дава податоци за потеклото, видот и музичката придружба на соодветниот псалм. Можат да се издвојат повеќе видови псалми, меѓу кои:
1. Химни, или славословија кои Го слават Господа. Такви псалми се: 8, 9, 32, 99, 102-104, 110, 112, 113, 116, 134, 135, 144-149.
2. Псалми во кои Господ е прикажан како Цар: 46, 92, 95-98.
3. Псалми за владетелите: 2, 17, 19, 20, 44, 71, 88, 100, 109, 143.
4. Сионски песни: 45, 47, 75, 86, 131.
5. Псалми за верата во Бога: 1, 36, 48, 72, 77, 111, 118, 126, 132.
6. Псалми испеани во неволји: 11, 43, 57, 59, 73, 78, 79, 82, 84, 89, 93, 105, 107, 122, 125, 136
7. Молитви упатени кон Бога, поради несреќи: 5-7, 12, 16, 21, 24, 25, 27, 30, 34, 37, 38, 40-42, 50, 53, 56, 58, 60, 62, 63, 68–70, 85, 87, 101, 108, 119, 129, 139-142.
8. Благодарствени псалми: 9-10, 29, 31, 33, 39, 91, 106, 115, 117.
Инаку и Исус пеел некои псалми, заедно со Неговите ученици (види Мр. 14,26).
Псалмите се цитирани повеќе од сто пати во новозаветните книги. Некои псалми содржат прототипови за Личноста на Исус Христос. На пример, псалмите 21 и 68 ги претскажуваат Христовите страдања, додека псалмите 15, 109 и 117 содржат елементи на Христовото воскресение и слава. Псалми во суштина се состои од пет книги и тоа: 1. Пс. 1-40, 2. Пс. 41-71, 3. Пс. 72-88, 4. Пс. 89-105 и 5. Пс. 106-151.
Извор: БИБЛИЈА
Издавач: Библиско здручение на Р.Македонија