ПСАЛМ 13
Воздишки за помош од Господ
1 Рече безумниот во срцето свое: „Нема Бог”. Се развратија луѓето, вршат гнасни дела, нема кој да прави добро.
2 Господ погледна од небесата со внимание кон синовите човечки, за да види, има ли некој разумен, кој Го бара Бога.
3 Сите застранија, сите станаа лоши, нема кој да прави добро, нема ниту еден.
4 Зар нема да се вразумат сите злосторници, кои така го јадат народот Мој, како што јадат леб, и кои не Го повикуваат Господа?
5 Таму тие ќе се тресат од страв, каде што нема страв, зашто Господ е со родот на праведните.
6 Вие ги осуетувате намерите на сиромашниот, но Господ е негово прибежиште.
7 Ах, да дојде од Сион спасение на Израил! Кога Господ ќе ги обнови благословите над Својот народ, тогаш ќе се зарадува Јаков, и ќе се развесели Израил.