Во Неделата на Педесетница, во Црквата Св.Петка од Чикаго, беше отслужена Света Божествена Литургија, проследена со Вечерна Богослужба. Верниците еднодушно, коленопреклоно Му се молеа на милостивиот Бог да им Го испрати Светиот Дух, да ги води на прав пат и да ги помилува душите на нивните упокоени сродници. Чинот на читање на овие коленопреклони молитви, некои Божји праведници го нарекуваат и уште едно Свето Таинство! Ова воопшто не е чудно, земајќи ја во предвид содржината на овие молитви која е неизмерно силна и во своето јадро го содржи призивањето на Светиот Дух и Божјата милост.
Молитва прва
Господи, Ти Си Пречист, Беспочетен, Невидлив, Непостижлив, Непобедлив, Неизмерлив и Незлобив. Ти Си единствен Бесмртен и живееш во недостапна светлина. Ти си ги создал небото и земјата, морето и се што е создадено во нив. Ти ги исполнуваш молбите на сите, уште пред да побараат. Тебе Ти се молиме, Владико, Човекољупче, Оче на нашиот Господ и Спасител – Исус Христос, Кој заради нас луѓето и заради наашето спасение слезе од небото, се воплоти од Светиот Дух и секогаш Дева Марија, Преславна Богородица. Он не учеше прво со зборови, па ни покажа и дела, претрпе спасителни страдања и даде нам смирените, грешни и недостојни Твои слуги пример како да Ти принесуваме молитви со клечење и наведнати глави за нашите сопствени гревови и за гревовите на народот направени од незнаење. Самиот Ти, човекољубив и милостив Владико, услиши не секогаш кога Те викаме и Ти се молиме, но особено во овој ден на светата Педесетница, во кој нашиот Господ Исус Христос, откако се вознесе на небото и седна оддесно на Оца, Го испрати на Своите ученици и Апостоли Светиот Дух, Кој застана врз секого од нив и сите тие се исполнија со Неговата вечна благодат и говореа на разни јазици за Твоите големи дела и пророкуваа. И така, чуј не сега нас, кои Ти се молиме: спомни Си за нас, Боже, смирените и осудените и врати ги од ропство нашите души, имајќи милост кон нас што ти се молиме. Прими не нас што паѓаме пред Тебе и велиме: згрешивме. Кон Тебе сме приврзани уште од мајчината утроба, уште оттогаш Ти Си Бог наш; но, бидејќи во суета поминаа нашите денови, ја изгубивме Твојата помош и се лишивме од секаква можност за оправдување. Сепак, охрабрени од Твоите добрини, Ти повикуваме: не спомнувај Си за гревовите на нашата младост, како и за оние извршени од незнаење, и од нашите тајни гревови очисти не. На старост не не отфрлај: кога ќе ослабне нашата сила не не оставај. Пред да се вратиме во земјата помогни ни да се обрнеме кон Тебе; дај ни ја Твојата благодат и биди благонаклонет кон нас. Беззаконијата наши измери ги со мерката на Твојата милост; големата Твоја добрина противстави ја на множеството наши беззаконија. Господи, милостиво погледни од Твојата света височина на Својот народ што стои тука и чека од Тебе да добие богата милост. Посети не со Твојата благост и избави не од насилството на ѓаволот. Утврди го нашиот живот во Твоите свети и возвишени закони,. Довери го твојот народ на ангел, верен пазител. Сите нас собери не во Твоето Царство. Дај им прошка на оние што се надеваат на Тебе: прости ги нивните и нашите гревови. Очисти не преку дејството на Твојот Свет Дух, разруши ги злите мисли на нашиот непријател.
Благословен Си Господи, Владико, Седржителу, Кој Си го осветлил денот со светлината на сонцето, а ноќта си ја направил јасна со огнени светилки. Ти не удостои да го поминеме овој ден и да се доближиме до почетокот на ноќта; послушај ги молитвите наши и на сите Твои луѓе и, проштавајќи ги нашите гревови, волни и неволни, прими ги нашите вечерни молитви и испрати Му на Твоето наследство милост и добрини. Заштити не со Твојата вистина, зацврсти не со Твојата сила, избави не од секаков напад и зломислие на нашите противници. Дај ни оваа вечер со ноќта што иде, па и сите денови на нашиот живот да бидат совршени, свети, мирни, без грев, без соблазни, без празни мечти – по молитвите на Света Богородица и на сите Светии кои од век Ти благоугодувале. Амин.
Втора молитва
Господи, Исусе Христе, Боже наш! Ти Си им го дарувал на луѓето Својот мир уште додека Си бил меѓу нив и секогаш Си им го давал на верните дарот на Светиот Дух, како постојано наследство. Денес, таа благодат Си ја испратил на Твоите ученици и апостоли, а устите Си им ги утврдил со огнени јазици. Преку нив, целиот човечки род го слушна на својот роден јазик Богопознанието, се просветивме со светлината на Духот и се избавивме од заблудата како од темнина. Се научивме да веруваме во Тебе по надприроден пат – преку давањето на чувствени и огнени јазици и се просветивме Тебе да Те благословуваме, со Отецот и Светиот Дух во едно Божество и сила и власт. И така, Ти, Светлино на Оца, непроменлив и непреседен образ на Неговото Суштество и природа, Извор на премудрост и благодат, отвори ми ги устите и мене, грешниот и научи ме како е достојно и за што треба да се молам. Зашто, Ти ги знаеш многубројните мои гревови, но Твојата добрина ќе го победи нивното мноштво. Ете, со страв стојам пред Тебе, во морето на Твојата милост сум ја фрлил својата очајна душа. Ти, Кој со зборови, преку Твојата неискажана сила и премудрост ги раководиш сите созданија, исправи го мојот живот. Ти Си мирно пристаниште: покажи ми го патот по кој да трргнам. На моите помисли дај им Го Духот на Твојата премудрост; Духот на разум дарувај и го на мојата неразумност; со Дух на страв пред Тебе осени ги моите дела; Со вистински Дух обнови ја мојата внатрешност и со Дух што владее утврди ја непостојаноста на моите мисли, та поучуван секој ден од Твојот благ Дух за добри работи, да се удостојам да ги исполнувам Твоите заповеди и секогаш да ми е на ум Твоето славно пришествие, кога ќе ги испиташ делата што сме ги сториле. Не ме оставај да се соблазнам од убавините на овој свет, но утврди ме во стремежот кон идните блага. Зашто, Владико, Ти Си рекол: што и да посака некој во Твое име, бездруго ќе го добие од Твојот Небесен Отец. Затоа, и јас грешниот, при слегувањето на Твојот Свет Дух ја молам Твојата добрина: се што барав дај ми го за спасение. Навистина, Господи, Ти Си благ и добар дарител на секое добро дело, зашто Ти даваш преизобилно се што ќе посакаме. Ти сочувствуваш и Си милостив, Кој безгрешно Си станал соучесник на нашето тело; како добар по срце, се доближуваш до оние што коленичат пред Тебе и Си очистување на нашите гревови. И така, Господи, подари ги на Своите луѓе твоите добрини и послушај не од Твоето свето небо. Благослови не со Својата света десница, заштити не под покривот на Твоите крилја и не ги изоставај делата на Твоите раце. Пред Тебе грешиме, но и на Тебе Единствениот Ти служиме: не знаеме да се поклонуваме на туѓи богови, ниту да пружаме раце кон друго божество. Прости ни ги нашите гревови и примајќи ги нашите поклонувања и молитви, пружи ја Твојата света рака кон сите за помош; прими ја молитвата на сите како пријатно кандило во Твоето преблаго Царство.
Господи, Господи, Кој не избавуваш од секоја стрела што лета дење, избави не и од секое нешто што станува во темнина. Подигањето на нашите раце прими го како вечерна жртва. Удостој не и во ноќно време без порок да минеме, неискушувани од лоши работи и избави не од забуна и плашливост, кои што доаѓаат од ѓаволот. Дарувај им на нашите души радост и на помислите – загриженост за испитанието што ќе биде на Твојот Страшен и праведен Суд. Приковај го нашето тело во страв пред Тебе и умртви ги нашите земни членови, така што и во ноќната тишина да се просветиме, гледајќи ги Твоите судбини. Отклони од нас секакво неприлично мечтаење и зловредно посакување. Издигни не во време на молитва, укрепи не во верата и направи не исполнители на Твоите заповеди. Амин.
Третата молитва се однесува на просење милост за нашите упокоени сродници и ќе биде целосно приложена во наредна прилика.
ЦАРЕ НЕБЕСНИ, ИСПРАТИ НИ ГО НА СИТЕ НАС ТВОЈОТ ПРЕСВЕТ ДУХ И ВОДИ НЕ ПО ПАТОТ НА СПАСЕНИЕТО!
Macedonian Orthodox Church "St. Paraskeva - Petka" from Chicago
Македонска Православна Црква „Св. Параскева - Петка“ од Чикаго