Во Неделата, на 29 Март, во 6 часот вечерта, во Руската Катедрална Црква „Покров на Пресвета Богородица“ во Чикаго (Дес Плеинс), беше извршена светата Тајна Маслосвет. Во присуство на Чудотворната Курско–Коренска икона на Божјата Мајка, многубројниот народ од различна национална припадност (Руси, Украинци, Бугари, Срби, Американци, наши Македонци итн.) предводен од владиката Кливландски Петар и многубројниот свештенички и ѓаконски клир, со запалени свеќи во рацете, усрдно Му се молеше на Бога , со посредништвото на Неговата Пречиста Мајка и Неговите светии, да го благослови и освети маслото, да ги услиши принесените молитви и да подари на секој присутен прошка на гревовите и исцеление од сите телесни болести и душевни рани. При чинот на помазување, секој верник ја целиваше чудотворната икона на Богородица, а потоа пристапуваше кај владиката и шесте свештеници, кои неуморно помазуваа бескрајни колони на луѓе со зборовите: „Помазаетсја раб Божји (име) јелејем радованија, во имја Отца и Сина и Свјатаго Духа, Амин. Колку радост и надеж за стекнување на Божјата благодат и помош носат овие изречени зборови и крстовите од осветено масло поставувани како белези на нашите мали Божји храмови – нашите тела што Бог ги створил за да бидат живеалишта на Светиот Дух! Колку солзи на покајание и воздишки се забележуваа при пеењето на Архиерејскиот хор при чинот на помазанието: „Услиши ни Боже, услиши ни Владико, услиши ни Свјати. Помилуј ни, Боже, помилуј ни Владико, помилуј ни Свјати. Исцели ни Боже, исцели ни Владико, исцели ни Свјати“.
Боже, услиши, помилуј и исцели ги сите оние што ти се молат и пристапуваат на помазание со вера и надеж во Твојата помош, и нека им биде осветениот елеј на сите нив ЕЛЕЈ на РАДОСТ, или ЈЕЛЕЈ РАДОВАНИЈА!
С.Л. (МПЦ Св.Петка – Чикаго)