Денес, на Тодорова сабота, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во параклисот на светите Григориј Палама и Старец Јосиф Спилеот во манастирот на Покров на Пресвета Богородица во Водоча.
Толкувајќи ги зборовите од Светото Евангелие, прочитано денес: „Саботата е направена за човекот, а не човекот за саботата“ (Марко 2, 27), отецот рече дека тоа не значи ништо друго освен дека нема ништо посвето од човекот од сето она што можеме да го видиме, допреме, слушнеме, мириснеме или вкусиме во црковниот храм (надвор од Светата Евхаристија) или од сето она што можеме да го прочитаме во црковните правила на однесување и постапување.
Сето тоа е создадено и дарувано за спасение на човекот, а не дека е човекот создаден за сето тоа. И дека сето тоа е само сенка или икона на патот до Вистината. И дека сето тоа е само педагошко средство преку кое човекот го воведуваме во сета Вистина, кое не смее да се претвори во идол на кого човекот треба да му служи и кој е поважен од човекот. На пример: ако видиме дека некој црковен храм гори и ако во него има еден немоќен човек, нормално е дека прво човекот ќе го спасиме, а сè друго ако има време, па што и да е тоа другото. И ако видиме дека некое црковно правило не може во потполност да се исполни, а настојувањето на тоа не би било за спасение на конкретниот човек (еве зошто е потребна умносрдечната молитва односно просветлувањето на умот), нормално е дека правилото ќе се прилагоди.
Затоа што Бог стана човек за човекот да стане бог по благодат, затоа што Богочовекот Христос се поистоветува и со најништожниот од Неговите најмали браќа (ако ним им направивте и Мене Ми направивте – види Матеј 25, 31-46) и затоа што „Синот Човечки е господар и на саботата“ (Марко 2, 28). Слава на Тебе, Господи!
според записот на сестрите од манастирот
Посети: {moshits}