„Севкупниот Домострој на Богочовекот Христос за нашето спасение, особено Неговото истоштение и смрт на Крстот, Неговото тридневно погребение (и од мртвите Воскресение и тоа што следува...), за нас во Црквата имаат како онтолошко-светотаинско, така и персонално-сотириолошко значење.
Што значи тоа?
Тоа значи дека без Христос да се жртвува и без да пострада на Крстот, и без Христос да се симне во адот, (и без Христос да воскресне од мртвите и тоа што следува...) ние не ќе можевме денеска, секојпат кога околу нашиот Епископ ќе се собереме на Светата Литургија, повторно и повторно благодатно да учествуваме во она што Христос еднаш и засекогаш го направи за нас и наше спасение и ни го остави преку Светиот Дух Господ во Црквата. И затоа после Големиот Вход, кога ги предлагаме чесните дарови на светата Трпеза – односно кога самите себе, еден со друг и целиот наш живот во Христос на Бог Му го предаваме, првата молитва што ја изговараме е следната: Благообразниот Јосиф откако го симна од дрвото Твоето пречисто Тело, го обви со чиста плаштаница и помазувајќи го со мириси, во нов гроб го положи. Тоа е онтолошко-светотаинското значење.
И тоа значи дека принесувањето на даровите на олтарот (на светата Трпеза) од храмот, односно излегувањето на свештеникот во тело пред олтарот е поврзано со (т.е. внатрешно духовно соодветствува на) излегувањето на умот пред олтарот на срцето – значи, со умносрдечна молитва и словесната жртва на човековата личност што во срцето на Бог Му се принесува и посветува. Ако свештенослужителот со својот ум не излегува пред престолот Божји во своето срце, што ако со телото стои пред престолот Божји во храмот? Затоа после Големиот Вход, кога ги предлагаме чесните дарови на светата Трпеза, втора молитва што ја изговараме после првата е следната: Според милосрдието Твое, Господи, чини му добро на Сион и нека се возвишат ѕидините ерусалимски. Тогаш ќе Ти бидат угодни жртвите на правдата, приносите и сепалениците; тогаш на Твојот олтар ќе се полагаат телци. Го молиме Бог да го возобнови ерусалимскиот храм на Сион, односно да ја возобнови чистотата на нашето срце; и да ги возобнови и подигне ѕидините ерусалимски, односно да го просветли нашиот ум, кој како таков нема да дозволи ниту една валкана помисла да влезе во нашето срце – за тогаш да Му бидат угодни нашите молитви принесени од умот во срцето. Тоа е персонално-сотириолошкото значење.
Никогаш не треба да ја превидиме соборната димензија и на онтолошко-светотаинското и на персонално-сотирилошкото значење на Христовиот домострој.“
Митрополит Струмички Наум
Посети: {moshits}