Во денот кога Света Црква го слави почетокот на црковната година и споменот на преподобен Симеон Столпник, во Соборниот храм Св. Климент Охридски се отслужи Божествена Литургија.
По Литургијата свештеникот ја прочита молитвата за благослов во Новата Година.
МОЛИТВА за Нова Година:
Владико, Господи Боже наш, Творецу и Ѕидателу на секоја видлива и невидлива твар, Ти Кој го создаде времето и летата, благослови ја во овој ден започнатата Нова Година, која ние ја сметаме од Твоето воплотување за наше спасение. Благослови во мир и во љубов со нашите ближни да ја минеме оваа година и уште многу по неа. Запази ја и укрепи ја Светата Православна Црква, која самиот Ти во Ерусалим ја основа и со спасителната жртва на телото и крвта Твоја ја освети. Нашата татковина, возвиси ја, сочувај ја и прослави ја. Долгоденствие, здравје и изобилие на земните плодови и воздух благопријатен дај ми мене, - грешниот слуга Твој, на моите блиски, на моите роднини и на сите благоверни Христијани. Биди ни вистински Пастир, Наставник и Покровител, и на патот на спасението утврди не; та чекорејќи по него, по долг и благочестив живот во овој свет, да задобиеме дел од Твоето Небесно Царство, и да се удостоиме со вечното блаженство со светиите Твои. Амин!
Почеток на црковната година
(начало на индиктот) 14/09/2007
Првиот Вселенски Собор определи црковната година да почнува на 1 септември. Месецот септември кај Евреите беше почеток на граѓанската година (Исх. 23, 16), месец на собирање на плодовите и принесување жртви на благодарност кон Бога. Во времето на ова празнување Господ Исус влезе во синагогата во Назарет и ја отвори книгата на Пророкот Исаија и ги прочита зборовите: „Духот Господов е врз Мене; зашто Господ Ме помаза за да им благовестам на бедните, Ме испрати да лекувам скрушени по срце, да им проповедам на заробените отпуштање и на слепите прогледување; да ја проповедам благопријатната Господова година и денот за одмазда на нашиот Бог“ (Исаија 1 - 2). Уште овој месец септември е значаен во историјата на христијанството по тоа што во него царот Константин Велики ја однесе победата над Максенциј, непријателот на Христовата вера, а на таа слобода ѝ уследи слободата на христијанската вероисповед во целото римско царство. Долго време во христијанскиот свет и граѓанската година беше сметана од 1 септември; на 1 јануари се премести најпрво во Западна Европа, а потоа во Русија, во времето на Петар Велики.