На 23 ноември 2008 година, повеќе од педесет духовници од Бугарската Православна Црква и повеќе стотини мирјани ги пречекаа моштите на свети Климент Охридски на централниот плоштад во Пловдив.
Свештенството го предводеше Пловдивскиот Митрополит Николај, а присуствуваше и Русенскиот Митрополит Неофит, Ловчанскиот Гаврил и Плевенскиот Игнатиј, Величкиот Епископ Сиониј, ректор на Софиската духовна семинарија и други.
Пловдив го доби овој дар од Македонската Црква, а беше донесен лично од Митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошко-струшки г. Тмотеј, придружен од македонскиот митрополит Иларион.
Честичката од светите мошти на Климент Охридски ќе биде оставена за поклонение пред иконостасот во новата црква посветена на свети Климент Охридски, а којашто беше осветена вчера.
Откако митрополитот Николај отслужи молебен, започна литијата по главната улица во Пловдив до митрополитскиот храм на Света Марина. Моштите беа оставени таму за поклонение, а храмот беше отворен во текот на целата ноќ, сѐ додека имаше посетители. Македонските духовници присуствуваа на богослужбата.
Свети Климент Охридски е прогласен за заштитник на градот Пловдив. „Особено денес ни е потребен свети Климент Охридски, да нѐ вдахнови да ја чуваме духовноста и да се разбудиме од летаргијата на современата бездуховност“. „Злочест е оној народ, којшто лесно ги менува традициите и си ги занемарува светињите“, рече Митрополитот Николај. Заедно со него во свеченостите зедоа учество министерот за транспорт во Владата на Република Бугарија, градоначалникот на Пловдив, како и други јавни личности од Бугарија.
Извор: Дверибг.нет