Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Европски Пимен во Стокхолм учествуваше на конференцијата на Шведкиот христијански совет каде од оваа година е полноправен член. На своето патување од Стокхолм кон Париз, ја посети македонската црковна општина “Св. Кирил и Методиј” во Дортмунд, СР Германија.
Во саботата на 8 ноември 2008 година на денот на Светиот великомаченик Димитриј Солунски и во неделата на 9 ноември 2008 година посветена на светиот маченик Нестор отслужи Света Литургија, каде верниот народ во спомен на светите маченици се причести со светите Христови тајни.
Митрополитот Пимен истакна дека вредно е да ги следиме евангелските Христови зборови: ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат, дека тие зборови се актуелни и во денешно време и ќе бидат секогаш современи се до есхатолошкото исполнување на историјата во Царството Божјо. Светиот великомаченик Димитриј и светиот маченик Нестор ги потврдиле овие Христови зборови во својот живот воден во Христа Спасителот, посведочиле за вистинскиот благодатен и литургиски живот на Црквата кој не завршува ниту со страшната маченичка смрт наложена од непријателите Христови, туку продолжува во единство со Христа во Неговото Царство. Затоа, верни се Христовите зборови од Евангелието, ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат, но да не заборавиме дека животот Христов кој во сета своја полнота ни се дарува преку причестувањето со Неговото Тело и Крв на светата Литургија, и дека ако во Христа сме гонети, измачувани, распнувани и умираме, во Христа и ќе воскреснеме, токму тоа го посведочија и двајцата споменати маченици, кој и покрај нивната младост не се откажаа од животот во Христа кој исполнува се во се.
Своето патување Владиката го продолжува кон Париз каде на 16.11. 2008 година ќе се изврши осветување на храмот на оваа наша црковна општина во Р. Франција.
Известува: Миланка Тосева
Посети: {moshits}