Божествена Литургија во Водоча (02.05.2024 20:24)
Денес, на Велик четврток, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во параклисот на манастирот „Покров на Пресвета Богородица и свети Леонтиј“, во Водоча.
На Литургијата Владиката се обрати со следните зборови:
„Во денешното евангелие пишува дека откако Господ Христос им рекол дека еден од нив ќе Го предаде, сите апостоли почнале да Го прашуваат – „да не сум јас“. Тоа покажува само колку биле исплашени и несигурни во себе; и на некој начин веќе подготвени да паднат. Што на крај и им се случува. На сите освен на светиот Апостол Јован; за кого воопшто не мислам и дека го поставил прашањето – „да не сум јас“.
Љубовта не се самооправдува, не мисли на себе и никогаш не престанува да љуби. Тоа е разликата, за која постојано ви говорам, меѓу вонредната и редовно добиената благодат, т.е. лично усвоената благодат. И Петар и Јован беа на Гората Тавор; и двајцата со своите телесни, но преобразени очи Го видоа Богочовекот Христос во полнотата на Својата слава, но Петар се откажа од Него, а Јован – не. Сите ние што имаме некакви позиции во Црквата: епископи, презвитери и монаси, треба да внимаваме на оваа разлика меѓу вонредната и редовно добиената благодат, како и до каде дејствуваме со лично усвоената благодат, а од каде со вонредно дадената благодат од Господ. Да не навлегувам во детали, сѐ додека барем и формално работиме нешто во интерес на Црквата ќе ја имаме таа вонредна благодат, ако и во тоа не успееме – ќе ни биде одземена. И секое свештено лице кое нема свој духовен отец кај кого се исповеда и со кого се советува, односно кое не е во послушание, треба да знае дека функционира исклучиво на вонредно добиената благодат; а нѐ спасува само лично усвоената. Лично усвоената благодат ја добива само оној подвижник кој начинот на својот живот и подвиг ги има восогласено со степенот на духовниот развој или душевниот пад на кој се наоѓа, како и со местото и улогата што ги има во Црквата и во општеството. За ова сум ви говорел многупати, да не се повторувам...“