Чудото со веригите на Светиот апостол Петар
Овој ден се споменува заради веригите во коишто беше окован од беззакониот Ирод и кои при појавата на ангелот во затворот паднаа од него (Дела 12, 7).
Овие вериги христијаните ги чуваа колку заради споменот на великиот апостол толку и заради нивната исцелителна моќ, зашто мнозина болни се исцелуваа допирајќи се со верба и молитва до нив (како од ризата на апостолот Павле; Дела 19, 12).
Ерусалимскиот патријарх Св. Јувенал овие вериги ѝ ги даде на царицата Евдокија, прогонетата жена на царот Теодосиј Помладиот, а таа ги преполови и едната половина ѝ ја испрати на црквата на Светите апостоли во Цариград, а другата на својата ќерка, царицата Евдоксија, жената на Валентијан во Рим. Евдоксија му изгради црква на Св. апостол Петар и во неа ги положи овие вериги заедно со оние во коишто апостолот беше окован пред да најде смрт од царот Нерон.
По налог на Ирод,апостол Петар бил уапсен, затворен во овој затвор, и врзан со два синџири.
Целата Црква ревносно се молела за апостолот,а ноќта Ангел Господов му се јавил на Петар и го ослободил:синџирите сами паднале од апостолот,а затворските врати сами се отвориле пред него.
✥