Денес, на денот на светиот маченик Никита, во манастирот на светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици во Струмица, се одржа Семакедонски црковен собор. На Божествената Литургија чиноначалствуваше Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во сослужение со надлежниот Митрополит Струмички г. Наум, Митрополитот Дебарско-кичевски и плаошко-струшки г. Тимотеј, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, Митрополитот Брегалнички г. Иларион и повеќе свештенослужители од нивните епархии.
На свечената академија реферат на тема „Преданието на исихазмот во неговите догматски и аскетски рамки“ изложи архимандритот м-р Арсениј, игумен на манастирот на свети Антониј Велики во Ново Село. На соборот присуствуваа градоначалникот на Општина Струмица г. Зоран Заев, пратениците во Парламентот на Р. Македонија г-ѓа Силвана Бонева и г-ѓа Цветанка Иванова, други дванаесет градоначалници од цела Македонија како и гости од другите епархии на МПЦ. Соборот заврши со свечен ручек за сите присутни. Наредната година Семакедонски црковен собор ќе се одржи во Дебарско-кичевската православна епархија.
Посети:{moshits}