На 7.12.2022 година, во пресрет на празникот Свети Климент Охридски, со благослов на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички г. Иларион, чиноначалствуваше со Празнична вечерна богослужба во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, а во присуство на Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф и на Епископот Хераклејски г. Климент.
По Вечерната, беше одржана традиционалната Светиклиментова свечена академија, која, овојпат, се одржа во ,,Музејот на македонската борба”.
На Академијата присуствуваа и нивните Високипреосвештенства, Митрополитите: Агатангел, Јосиф, Григориј и пак Јосиф, и Епископот Климент. Присутни беа и: лидерите на останатите цркви и верски заедници во Република Македонија, министерот Оливер Спасовски, претседателот на МАНУ проф. д-р Љупчо Коцарев, деканот на ПБФ проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски, претставници на дипломатскиот кор, на државните институции, членови на МАНУ, професори, свештенослужители и многубројни следбеници и почитувачи на светиот Климент.
Свечената академија ја отвори хорот „Свети Климент Охридски“ со изведба на химната на Македонија и тропарот на Свети Климент Охридски од Трајко Прокопиев, по што следеше поздравно обраќање на Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, г. Даријан Сотировски, кој и беше покровител на овој свечен настан.
Обраќање имаше и ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ проф. д-р Никола Јанкуловски, по кого следеа обраќањето на Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан и обраќањето на проф. д-р Емилија Црвенковска, редовен професор на УКИМ.
Академијата заврши со настап на хорот „Свети Климент Охридски“.