Поминаа речиси три месеци откако започна копањето на скопско Кале. На овој проект се ангажирани 250 луѓе, од кои повеќето се студенти по археологија, раководители на одделни сектори за истражување, меѓу кои и Љубинка Џидрова и Марјан Јованов од Институтот за историја на уметноста и археологија, м-р Силвана Блажевска, м-р Антонио Јакимовски и м-р Златко Видески од Музејот на Македонија, како и м-р Кирил Ристов од Музејот на град Скопје.
Иако на почетокот на истражувањата постоеле сугестии тие да бидат од затворен тип, сепак е одбрана сегашната отворената опција, со која според раководителот на истражувањата, археологот проф. д-р Драги Митревски, секој има можност да дојде и да види како се истражува.
Во методологијата на модерното археолошко работење има еден многу важен момент, се настојува во урбана средина каде што има локално население, да се работи што е можно поотворено. На тој начин населението има можност да се запознае што се случува на неговата територија, за да може да изгради некој однос кон тоа наследство, да се грижи за него, да го чувствува како свое. Доаѓаат луѓе секојдневно, се сликаат, се интересираат, се носат групи ученици и гледаме дека навистина има ефект.
Позборувавме со раководителот на проектот Проф. д-р Драги Митревски за досегашните откритија на Кале и за сето она што се случувало на таа локација пред многу векови.
(повеќе)