На ден 21.08.2008 Лето Господово, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички Господин Иларион, во храмот Света Троица во Радовиш одржа света Архиерејска Богослужба со бројно свештенство од Брегалничката Епархија.
По завршувањето на Светата Божествена Литургија, Митрополитот Брегалнички со свештенството и верниците кои беа присутни на Светата Литургија извршија чин молебен за почеток на новата школска година, а при тоа и на сите присутни вреници им подели скромен дар, икона од свети Спасо Радовишки при што од самиот светител побаравме застапување пред Бога и заштита на учениците во новата учебна година.
По завршувањето на молебниот за почеток на новата школска година, се одржа и духовна академија, на која имаше хорско пеење, промоција на цд-то, духовни химни од Стојан Стојков. Меѓу присутните на литургијата беа присутни градоначалникот на општина Радовиш г.Роберт Велков, пратеникот Томе Даневски и ктиторот на храмот Света Тројца господинот Ристо Гуштеров.
Во беседата на Владиката Иларион зборуваше за житието на светителот како и за неговото празнување како заштитник на градот.
Свети Спасо Радовишки
Свети Спасо Радовишки бил роден во 1774 година во Радовиш поради што го добил прекарот Радовишки. Во тоа време Рдовиш бил село во Струмичката епархија. Неговите родители уште од мал го воспитувале во Христовата вера. Кога Свети Спасо бил на 20- годишна возраст отишол во Солун да учи занает и така станал помошник на еден мајстор за оружје.
Еднаш кога свети Спасо требало да пренесе неколку турски носии, а и самиот тој бил облечен во турско одело, влегол во спор со цариниците. Тие го натерале Свети Спасо да ја исповеда мухамеданската вера и да каже дека е муслиман, но тој категорично ги одбил па така тие почнале да го тепаат. После тоа со разни итроштини и со ветување за материјално богатство, началникот на цариниците се обидел да го убеди Свети Спасо да го прими исламот. Откако не успеал во својата намера тој го пратил Свети Спасо кај судијата, кој исто така се обидел да го убеди младиот Радовишанец да се откаже од православната вера и да го прими исламот. Откако не успеале во своите намери тогаш Свети Спасо пак бил подложен на разни измачувања, бил тепан и накрај бил окован со синџири и фрлен во темница.
После тридневни измачувања повторно бил испратен на суд но овојпат кај мухамеданскиот духовен судија, кој исто така се обидел да го поткупи да се откаже од својата вера и да го прими исламот.
Откако се убедиле во неговата тврда и непоколеблива вера, турците започнале жестоко да го измачуваат, но Свети Спасо не попуштил и на сите тие измачувања смело одговарал: ,,Јас сум православен христијанин и нема да се откажам од својата вера,,.
Тогаш мухамеданскиот духован судија наредил да го обесат надвор од градските ѕидини до таканаречената,„Нова Порта“.
Уштен на пат кон тоа место Свети Спасо изнемоштен од сите измачувања што ги преживеал поради неоткажувањето од вистинската православната вера, паднал и го предал својот дух на Господа на 21 Август 1794 година.
Наскоро по неговата меченичка смрт, преподобниот Никодим Агиорит го напишал неговото житие.
Подготви: Звонко Алексов
Посети:{moshits}