Трожествува обителта на целебникот Пантелејмон, во чест на Саровскиот подвижник
Во храмот Негов секој ја возвестува славата Негова (Псалм 28, 8).
Како златна хризантема никнуваат на почвата на православна Македонија, храмови посветени на преподобниот Серафим Саровски големиот руски подвижник.
На 15.01.2021 година, во Кочани, обителта на св. в-мч Пантелејмон , украсена со облека од скрушени молитви, го празнуваше споменот на многупочитуваниот саровски старец преподобниот Св. Серафим.
Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички господин Иларион во сослужение со свештенството од Богодаруваната му епархија, отлужи Света Архиерејска Литургија, на која верните вкусија од Чашата на Спасението.
А, потоа боговдахновено богословеше за животот на Саровскиот пустиник (Голема и преголема е славата на светиот Саровоски Старец поради „чудесата што од него стануваат“. И „затоа Саровската обител со него се фали“. Но не само над својата „возљубена пустинка“ во Саров и Дивеево тој го спрострел својот татковски благослов како бујно разгранета лоза по целата земја... Ете, тој триблажен „избраник на Божјата Мајка“ стана пофалба и на нашата света обител!)
Свети преподобен отче наш Серафиме, Саровски чудотворче, кој со твоите пресветли добродетели и неописливи подвизи заради Бога си ја озарил целата руска земја, станувајќи светлозарен светилник на целото Православие, моли се за татковината наша славјанска и Македонска, за целиот православен род и да се спасат душите наши.
Мерата на љубовта кон непријателите мора да ја достигнат сите христијани што сакаат да се спасат.
Старец Арсениј Бока
За Преминпортал: Дејан Блажески