На денот кога светата Црква го слави споменот на светиот маченик Димитриј, принц руски и светиот свештеномаченик Лукијан, во Собоениот храм Св. Климент Охридски се отслужи Божествена Литургија.
„Постот е драгоцен дар Божји. Прастара институција, која се сочувала како татково наследство и стигнала до нашите денови.
Примете го постот со радост. Примете го сиромашни својот пријател (постот). Примете го слуги, вашиот одмор. Примете го богати оној кој ве спасува од опасноста на прејадување и кој го прави вкусно она што после постојана употреба постанува безвкусно.
Болни, примете ја мајката на здравјето. Здрави, примете осигурување за вашето здравје.
Но не ограничувајте ја добродетелта на постот, само на исхрана. Вистинскиот пост не е само одрекување од различна храна, туку одрекување од страсти и грев: никому да не му се нанесе неправда. Да му се прости на ближниот свој за навредата која ни ја нанел, за злото што го сторил против нас, за долгот кој ни го должи. Инаку, не јадеш месо, но го јадеш самиот брат свој. Не пиеш пијалок, но понижуваш друг човек.
Кога сите би ги послушале советите на постот, во целото човештво би владеел совршен мир. Не би се кревала една држава против друга.
Кога би владеел постот, нашиот живот не би бил преполн со воздишки. Зашто постот би ги научил сите не само на ограничување на расипничкиот живот, туку и отклонување од многу други зла. Би не научил на потполно избегнување и отстранување од среброљубието, славољубието и сластољубието. Ако се ослободиме од сето ова, ќе живееме во мир и светиња.
Ако оваа царица на добродетелите ни дарува такви добра, тогаш да ја примиме без никаква намрштеност, без никакво мрморење. Сите ревносно да ја испочитуваме оваа духовна трпеза која ни ја поставува постот, чистејќи не и препремајќи не за вечната божествена радост во рајот. Амин“
(извадок од беседата за постот на св.Василиј Велики)
подготви: М.З. / К.Т.