Прославата на празникот на Богојавлението во Велес започна со Света Божествена Литургија во храмот „Свето Вознесение Христово“, на која чиноначалствуваше Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на целото свештенство од Велес. По завршувањето на Литургијата беше формирана литија до мало мовче од каде што се изврши осветувањето на водите на реката Вардар и беше фрлен чесниот и животворен крст во водите.
Традиционално секоја година велешани масовно присуствуваат на осветувањето на водите и фрлањето на животворниот крст, а секоја година голем е бројот на оние коишто се фрлаат во студените води на реката Вардар за да го фатат крстот. Оваа година 72 млади луѓе влегоа во водите на реката Вардар за да го фатат крстот за здравје и спасение. Годинава, крстот го фати повторно Дејан Петрушев од Велес, кому ова му беше прво фаќање на чесниот и животворен крст. Нему Митрополитот Повардарски, Господин Агатангел му ја подари Библијата и златен крст, а десетина други спонзори му подарија други пригодни дарови. Покрај многубројниот народ, кој традиционално секоја година го следи осветувањето на водите, оваа година на чинот присуствуваше и заменик-министерот за економија г-дин Кире Колемишевски.
Богојавленски водосвет
Ден пред големиот христијански празник Богојавление - Водици, на празникот наречен Водокрст секоја година се извршува голем Богојавленски водосвет. Оваа година осветувањето на водите се изврши во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Велес, каде Митрополитот Повардарски г. Агатангел отслужи Вечерна со Василиева Литургија, а потоа во сослужение на присутните свештеници ја освети водата за здравје и спасение на верниците.
Извор: http://www.povardarska-eparhija.org.mk/pe/