Аларова ќе оди на Уставен суд поради измените во „Мал ринг“
Градоначачникот на Скопје, Трифун Костовски, ќе бара да се распише референдум на кој граѓаните ќе се изјаснат за решенијата за изградба на споменици и фонтани во центарот на градот, коишто ги усвои Општина Центар на последната седница на Советот. Градоначалникот смета дека со оваа одлука на жителите на Скопје им се загрозени правата за уредување и хуманизација на просторот и за заштита на животната средина.
Костовски вчера најави дека ќе поднесе иницијатива пред Уставниот суд за оцена на уставноста и законитоста на актот со кој се менува Детаљниот урбанистички план за „Мал ринг“ што го усвои Советот на општината.
Во образложението Костовски вели дека со измените на планот, општината крши уставни начела кои се дел од темелните вредности на уставниот поредок. Поточно, според градоначалникот на Скопје, измените на ДУП за „Мал ринг“ се донесени и покрај тоа што Градот нема дадено позитивно мислење, со што се прекршува процедурата предвидена во законот за Град Скопје.
Исто така, новите решенија од изменетиот план се во спротивност со одредбите во Генералниот урбанистички план на Скопје, со што практично, Општина Центар ги надминува своите надлежности.
Заради тоа, градските власти во процесот на разгледување на измените на планот неколкупати предупредуваа дека нема да издадат позитивно мислење без кое ДУП-от не може да помине во следната фаза на одобрување во Министерството за транспорт и врски.
Спорниот ДУП, предвидува црква на плоштадот „Македонија“, три бетонски острови со врби во водите на Вардар а се потврдуваат и педесетината спомен-обележја и споменици кои ќе се градат на плоштадот и околу него, како и на левата страна на Вардар на „Карпошово востание“. Виза со новиот план добија и четирите скулптури на лавови, кои е планирано да се постават на мостот „Гоце Делчев“. ДУП предвидува и изградба на две деветкатници од левата страна на Вардар, наменети за државни институции. Едната пред објектот на Комерцијална банка, во која ќе се сместат Архивот на Македонија и Археолошкиот музеј, а другата наменета за Уставниот суд, е планирана во близина на МНТ.
Сања Наумовска -Утрински весник
Посети:{moshits}