Новинарите од Бугарија и од Македонија, кои беа учесници на првиот Викенд на Дијалог – новинари против предрасудите, посетија два од најзначајните манастири на Македонската православна црква.
Во саботата домаќин им беше Неговото високопреподобие, Архимандритот Нектариј – Игумен на манастирот Свети Наум во Охрид. За време на кратката средба со отец Нектариј, новинарите беа запознати со историјата на манстирот.
Во неделата пак, групата новинари беше во посета на Бигорскиот манастир, каде монасите, со благослов на архимандритот Партениј, им овозможија прошетка низ најзначајните објекти на манастирот, како и ги запознаа со неговата значајна духовно-историска мисија низ вековите. Новинарите од Бугарија и од Македонија, за време на својата тридневна средба, разговараа за начинот на градење на меѓусебна доверба во борбата против говорот на омраза и лажните вести, со цел рушење на стереотипите и предрасудите градени со децении меѓу двете држави.
На овој прв „Викенд на Дијалог“ заеднички заклучок на учесниците беше дека најважно е да се развие соработката меѓу новинарите од двете држави, преку меѓусебна поддршка во функција на проверка на информациите. За таа цел учесниците меѓусебно се обврзаа за зачестена комуникација и соработка, од која треба да произлезе мрежа на професионални новинари кои ќе работат на намалување на негативните емоции и сузбивање на лажните вести. Како прв таков чекор беше формирана група за брза комуникација, преку која новинарите од двете држави ќе можат меѓусебно да ги проверуваат информациите кои се објавуваат во двете држави, со цел да се спречи дезинформирање, како и изворите на информациите со цел да се спречи ширењето на лажните вести.
Новинарите учесници на овој „Викенд на Дијалог“ дефинираа и точки врз основа на кои наскоро ќе биде објавена и декларација, која ќе им биде предадена и на државните власти, со насоки како да се подобри меѓусебната доверба и зајакне процесот на градење пријателство меѓу Р. С. Македонија и Р. Бугарија.
Викенд на дијалог – новинарите против предрасудите“ е во организација на Здружението за промоција на дијалогот, толеранцијата и човековите права „МЕДИУМ“ – Скопје, а финансиски поддржан до Министерството за надворешни работи на Република Бугарија, преку Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.
https://bigorski.org.mk/vesti/nastani/novinari-od-bugarija-vo-poseta-na-bigorski-i-na-sveti-naum/