На чистота ризницо, радувај се, преку тебе од падот наш станавме, радувај се, слаткомирисен крину, Владичице, што верните ги благоухаш, темјану благовонен, миро скапоцено.
Го потера класот од Бога, а видно неорана нива си, радувај се, духовна трпезо, што Го смести Лебот животен, радувај се, на вода жива неисцрпен извор, Владичице.
Јунице што непорочниот Јунец Го роди за верните, радувај се, Агнице, што Го роди Агнецот Божји Кој ги зема гревовите на светот, радувај се, топло очистилиште.
(Од канонот на Акатистот)
Носејќи ја длабоко во себе радоста од првата благодатна Акатистна средба со Мајката на Животот, повторно ги издигнавме кон неа своите топли молитви и со прекрасните стихови на Акатистот исплетовме уште еден венец на пофалби кон оваа наша моќна закрилничка, под чиј што омофор сите се засолнуваме сега. А таа, Божјата и наша Мајка, како свои возљубени чеда, никого не лишува од својата нежна мајчинска прегратка, особено во овие мигови кога солзите и радоста се преплетуваат, и кога ѝ го принесуваме најдоброто нешто од нашите души. Сите нас таа подеднакво нѐ љуби и ништо не ја радува толку, како единството меѓу нас, таа би сакала сите ние да сме едно во љубовта, онака како што ни заповеда нејзиниот Син, кога ни рече: Нова заповед ви давам, да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг (Јован 13,34). Затоа да се потрудиме да бидеме навистина нејзини верни деца, да не ја жалостиме, делејќи се и раскинувајќи го телото Христово – Црквата – туку сите заедно да ја помолиме милостиво да посредува за нас пред Бога, та со Негова благодатна помош да престанат соблазните, да се уништи етнофилетистичката ерес, и сиот православен род одново да бере плодови од благословот на единството, останувајќи вистинска светлина за светот.