Чествувањето на патронот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, светиот чудотворец Климент Охридски, секоја година најпрво започнува со празнични активности во Македонската православна богословија „Св. Климент Охридски“. Оваа година прославуваме 51 годишнина од почетокот на функционирањето на богословијата како образовна институција, која роди и образува многумина духовни пастири на нашата света црква.
Чествувањето започна со Вечерна богослужба во црквата „Св. Спас“ во Драчево, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Брегалнички г. Иларион, а присуствуваше Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, потоа ректорот на Богословијата, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф и Митрополитот Кумановско-осоговски г. Јосиф. На вечерната богослужба сослужуваа повеќе свештенослужители, а молитвено присуствуваа голем број на свештеници, професори во Богословијата и сите ученици богослови.
По завршувањето на Вечерната богослужба, започна чествувањето во капелата на Македонската богословија, кадешто Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј го освети празничниот колач. По ова беа доделени наградите на богословите со најдобри дела од конкурсите за проза и поезија. На крајот до сите присутни со празнично слово се обрати и ректорот на богословијата, Митрополитот Повардарски г. Агатангел.
Извор: Повардарска епархија