Смојмирово, 26-ти август 2018 г.- храм Успение на Пресвета Богородица
БОЖЕСТВЕНА ЛИТУРГИЈА ВО СМОЈМИРОВО
На 26. август 2018. г. во тринаесеттата недела по Педесетница,кога Македонската православна црква – Охридска архиепископија молитвено го прослави Пренесувањето на моштите на преподобен Максим Исповедник, во храмот Успение на Пресвета Богородица во Смојмирово (Берово), отец Ѓоше Костадиновски отслужи Света Божествена Литургија. Верниците се причестија со Светите Христови Тајни.
Во Евангелието слушнавме за Домаќинот кој насадил лозје и неблагодарните и зли лозари кои, наместо да Му возвратат со плодовите, ги претепуваат и убиваат прво Неговите слуги, а потоа и Синот (Матеј 21, 33-42). Во беседата по Литургијата отецот произнесе поука по Евангелието како праслика на денешново време кога човекот отпаѓа се повеќе од Изворот на Животот и запаѓа во материјалните задоволства.Така без Бог денешниот човек ги губи Љубовта, моралните вредности и губејќи ја Божјата благодат запаѓа во неволји.
ШКОЛО ЗА ЦРКОВНО ПЕЕЊЕ
Литургијата беше збогатена со пеењето на камерниот хор „Херувими“. Овој хор деновиве учествува во Школата за црковно пеење со византиската традиција „Андон Шахпаски“ која во селото Смојмирово се одржува по петти пат,од 25.-28. август 2018 година. Со тоа заживува наследството кое смојмирецот Андон Шахпаски (ок. 1860.-1928.) ни го остава со основањето и дејноста на школата за црковно пеење, псалти и хор во крајот на XIX. и почетокот на XX. век. Плодовите на неговата дејност, вградени во периодот на Националната преродба се толку моќни што ги издржаа премрежјата кои во тој период до денес Македонија ќе ги преживее до возобновување на Климентовото предание во македонските храмови (проф. д-р. Јане Коџабашија).
За Преминпортал: Ратислав Кардалев
26-ти август 2018 лето Господово