Со силата на Сонцето на правдата ќе се открие славата на Светиот Дух, која ги покрива и облекува телата на светиите, онаа слава што ја имале тие скриена во своите души. Зашто она што го има душата во себе…тоа ќе го облече со слава телото.
Св. Макариј Велики
Облагодатените свети мошти отсекогаш биле отсјај на славата на светиите и на луѓето голема поткрепа во искушенијата, борбите и болестите, а секако и не помал благослов за оние кои се удостоиле да ги имаат и чуваат со достојна љубов и почит. Тоа е една благодатна посета на светиот кој сам посакал преку своите свети мошти да го излее својот благослов. Затоа браќата и сестрите од Бигорската обител и неговиот метох во Рајчица со голема радост и благодарност за неискажливо големиот дар ги пречекаа моштите на св. Димитриј, св. ап. Андреј Првоповикан, св. Пантелејмон, и на уште многу други светии, кои ќе го красат бигорското светилиште, како и на св. Варвара и св. Екатерина што ќе се чуваат во храмот на Победоносецот Георгиј. Овие мошти се подарок од големиот пријател на нашите манастири, благородниот отец Добри Чаков, клирик на Бугарската Православна Црква, свештенослужител во храмот посветен на Св. Димитриј во Калипетрово и ставрофорен свештеноиконом на Доростолската епархија, кој со голема љубов се погрижи за моштите да се изработат и специјални кивоти. Покрај нив тој ги израдува нашите монашки семејства со уште деветнаесет честички од повеќе видни светии, кои ќе бидат сместени во посебна моштохранителница, што ќе биде изработена веднаш штом се обезбедат средства од благочестиви дарители.
Извор: http://bigorski.org.mk/vesti/nastani/2017-novi-moshti/
16-ти октомврии 2017 г.