На 06.12.2016 година започна годинешното прославување на денот посветен на светиот Климент Охридски. Чествувањето започна со Вечерна богослужба во црквата посветена на Вознесението Христово во с. Драчево. На богослужението чиноначалствуваше Митрополитот Дебарско - кичевски г. Тимотеј, а во присуство на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, Митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, Митрополитот Брегалнички г. Иларион, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф и Митрополитот Кумановско-осоговски г. Јосиф. Веднаш по соборната молитва присутните се упатија кон Богословијата „Свети Климент Охридски“, каде се одржа свечена академија. На неа најнапред професорот Илија Петров произнесе свечено слово за свети Климент, по што богословскиот хор, диригиран од професорот Игор Величковски одржа мини концерт, а потем беа доделени наградите за најдобри научни трудови и поетски творби на богословите. На крајот кон присутните се обрати и ректорот на Богословијата, митрополитот Повардарски г. Агатангел кој срдечно им се заблагодари на сите кои го помагаат успешното постоење на нашата Македонска Православна Богословија.
Извор: Скопска епархија
06.12.2016 год.