Во денот кога светата Црква, го слави споменот на животворниот и исцелителен извор на Пресвета Богородица , во храмот на свети Јован Крстител во Скопје, Митрополит . Горазд во солужение на професор протоереј Ацо Гиревски и свештеноството на храмот, отслужи Архиерејска Божествена Литургија.Верниот народ се причести со Светите Тајни Христови.
Х
Беседа
БАЛАКЛИЈА
Благочестиви христијани,
Пред само неколку дена бевме собрани секој пред својот парохијски храм, многубројно. Тогаш во чест на Христовото Воскресение, а еве денес, повторно сме заедно, овој пат во чест и слава на Света Богородица - нашата покровителка, нашата утешителка, исцелителка, и вистинска наша мопитвена застапничка пред нејзиниот Син и Бог. И овој пат не има во голем број, а тоа покажува дека имаме еднаква љубов и кон Мајката на Господа Христа, којашто е вистинска и наша Мајка.
Празникот денешен, таканаречен Источен Петок или Светол Петок поради светлата седмица, или уште Благ или Бел Петок, какошто се нарекува овој ден, затоашто во него се блажи, е празник посветен на Пресвета Богородица. На Неа како на извор на животот, на Неа и заради чудесата што ги правела, и секогаш ги прави, се додека постои светот и веков.
Црквата го востановила овој празник заради многуте сведоштва во историјата на побожното живеење и вистинската вера на христијаните, врз кои се покажал прст Божји и Нејзин - на Пресвета Богородица како исцелителка преку "Животворниот источник" изворот во Цариград, но и преку сите други извори каде таа го ставила прстот, свој.
Историјата на постоењето на оваа манастирска црква во Капиштец, зборува за масовната посета на христијаните првенствено, но и на други луѓе, на денот Балаклија, што ни говори за Нејзиното присуство овде, преку многубројните извори што постојано бликаат со чиста и питка вода и никогаш не пресушуваат, и посебно преку оној, којшто и е посветен Нејзе, и кој многу наликува на "Балѝкли кѝлисе", на животворниот кладенец во близината на Цариград.
Почитувани слушатели,
ние не можеме да појдеме туку така и кога сакаме при надалеку познатата балаклиска црква, таму, во Анадолија, но затоа, пак, можжеме да дојдеме и тоа кога сакаме при манастирот Свети Јован, во Капиштец, каде обитава и Мајката Божја со нејзиниот Син и Бог - тројство наречено "Деисис". Со нив, секако и целата небесна Црква.
Со оглед на тоа што сме собрани да сведочиме за чудесата на светиите, посебно на Пресвета Богородица пројавени преку светите води, и за тие овде во Капиштец, чујте дека за нив од многу порано се знаело. Во еден стар запис, некој запишал: "Во село Долно Водно крај Скопје, има три култни извори кои се нарекуваат Капиштец" - тоа се изворите посветени на чудестата на Света Недела, на Света Петка и во чест на чудесата случувани на денот таканаречен Руса Среда, кладенци со жива вода денес велелепно обновени. И, од само пред неколку години во исто великолепие се изгради и балаклиска црква - параклис, во чест на Пресвета Богородица покровителка, што се наоѓа на источната страна до манастирот Свети Јован. Овој источник, овој извор е изграден според видението на една честита и многу побожна старица од овој крај, која по примерот на света Ана - таа евангелската, почина во нејзината длабока старост и беше редовна посетителка на оваа светилиште во Капиштец.
А тоа, дека народот ги почитува овие манастирски води како лековити и тоа најмногу, како вели народот за очи, говори посетеноста на христијаните и на муслиманите, иако за чудесата на водите многу не се обрнувало внимание, од причини што луѓето кои доаѓале, тоа го сметале за најобична работа, но се слуша и тоа дека манастирските води се навистина лековити за верниците.
Останува да се молиме на Пресвета Богородица и од оваа жива вода да направи животворен извор, та по примерот на животворниот кладенец во Цариград да пројави чудеса и да излекува многу болести.
И да не се чудите, почитувани посетители, ако според нашата вера некому му биде дадено да се просветли, да прогледа, да се излечи - та според верата и нека ни биде дадено!
Господ Бог по молитвите на Неговата и наша Мајка Богородица (и преку молитвите на Неговото Блаженство Архиепископот Стефан) нека ги услиша нашите молитви, да ни испрати благослов, та сите ние уште денес од ова светилиште со себе понесеме мир, здравје и радост во нашите домови.
ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ! и за многу години празникот наш свет - Балаклија. Амин!
Капиштец, 2008
Протоереј Ацо Гиревски
По светата Литургија, Митрополит Горазд го освети и прекрши празничниот колач. Активот на жените од населбата Водно, беа годинашни кумови, кои во чест и слава на празникот на Пресвета Богородица ја приготвиа и трпезата на љубовта,преполни со радост и голема љубов кон сите.
Посети:{moshits}
На Крис,
ПреминПортал