Скопје, 28-ми декември 2015 год.- храм на св. Петка, н. Црниче
Во триесетата недела по Педесетница, кога Македонската православна црква- Охридска архиепископија молитвено молитвено го прослави споменот на Светиот свештеномаченик Елевтериј , свештеникот Здравко Пејковски во сослужение на ѓаконот Јане Илиев отслужи Божествена Литургија во храмот на св. Петка, во Скопје. Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.На крајот на Литургијата отецот произнесе празнична беседа.
Светиот свештеномаченик Елевтериј
Овој прекрасен светител имаше родители благородни и од прочуен род. Беше роден во Рим, каде што татко му беше воен антипат. Мајка му Антија го слушаше Евангелието од самиот апостол Павле и од него беше крстена. Бидејќи рано остана вдовица, го даде својот единец син на учење и служба кај римскиот епископ Аникита. Бидејќи го виде Елевтериј надарен од Бога и просветлен со Божествената благодат, во петнаесеттата година епископот го ракоположи за ѓакон, во осумнаесеттата за свештеник, а во дваесеттата за епископ. Божетсвената мудрост го надополнуваше кај Елевтериј она што му недостасуваше во годините.
Овој богоугодник беше поставен за епископ на Илирија со седиште во Валона (Авлона) Албанска. Своето стадо го чуваше како добар пастир и секојдневно го умножуваше. Христогонителниот цар Адријан испрати некој војвода Феликс со војници за да го фатат и доведат Елефтериј во Рим. Кога јаросен Феликс стигна во Валона и влезе во црквата, го виде и го чу светиот Божји архиереј и одеднаш неговото срце се измени и стана христијанин. Елевтериј го крсти и тргна со него во Рим, одејќи весело како да оди на гозба, а не на суд и маки. Царот му наложи лути истизавања на овој благороден Елевтериј: биење, печење на железен кревет, варење во смола, горење во огнена печка. Но Божествената сила го избави маченикот од сите смртоносни измачувања.
Кога го виде ова, римскиот епарх Корив и самиот изјави дека е христијанин. Корив беше мачен и убиен со меч. Исто така и блажениот Феликс. Најпосле царските џелати ја отсекоа и чесната глава на Свети Елевтериј. Кога неговата света мајка Антија дојде над мртвото тело на нејзинот син, и таа беше убиена. Нивните тела ги пренесоа во Валона, каде што Св. Елевтериј до денешен ден чудесно го прославува Христовото име.
Поука на денот: Свети Симеон Нов Богослов
Во мерата во која што душата е подрагоцена од телото, во таа мера словесниот човек е подрагоцен од целиот свет. Не мисли, човеку, размислувајќи за величината на созданијата што се наоѓаат во светот дека заради тоа (нивната величина) тие се подрагоцени од тебе, но гледајќи ја благодатта што ти е дадена и спознавајќи го достоинството на умната и словесна (твоја) душа, запеј Му на Бога, Кој те почитува повеќе од сe видливо.
Preminportal (k.t.)