Со благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, се подготви и се испечати книгата „Љубовта е посилна од смртта“ во која е опишан животниот пат на царската маченичка фамилија Романови. Ова ново издание од издавачката дејност при Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“ го преведе свештеник Борислав Бобевски. И ова најново издание на нашата издавачка дејност е прекрасно богоугодно четиво, кое ги опишува житијата, страдањата и чудата на царската фамилија Романови, кои Бог ги прославувал со светителски венци, затоа што ја исполниле задачата која од Бога им била доверена – да ја чуваат државата и Црквата од внатрешни и надворешни непријатели и да се трудат за духовно-моралниот напредок на народот.
Книгата може да се најде во сите храмови на Повардарската епархија или да се порача директно од издаваштвото на Повардарската епархија на тел. 043 221 231.
Во прилог можете да го прочитате и предговорот на оваа книга.
Пред доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос во тело, луѓето знаеја само за овоземниот живот, кој беше ограничен и застрашуван од неизбежната смрт. Од неа никој не се избавил, туку секој роден на земјата ја искусил или ќе ја искуси смртта. Но, нашиот Господ и Спасител со Својата смрт и воскресение ја победи смртта, и ни даде можност, доколку станеме делови и клетки од Неговото Тело – Светата Православна Црква, да добиеме вечен живот и смртта да нема повеќе власт над нас. Сите светители и маченици од новозаветната историја, како и оние од старозаветната, ни се потврда за ова. Сите тие се живи пред Бога и ги слушаат нашите молитви, кога им се обраќаме, и посредуваат за нас, се молат за нас, чудотворат во името на Исуса Христа. Бог ги повикува сите луѓе да бидат светители, бидејќи светоста не е предодредена само за клирот и монасите. Секој во својата дејност, во своето место на живеење, историски период и начин на живот – е повикан да биде христијанин, дел од Телото Христово. И тоа го гледаме постојано низ црковната историја: Слуги и цареви, рибари и научници, богати и сиромаси, здрави и болни, стари и млади, мажи и жени – во житијата сретнуваме разни светители, без никакви ограничувања. Животот во манастир или присуството во црква не се гаранција дека некој е светител или дека има свет живот, но без манастирите и храмовите, т.е. без учество во Божествената Литургија никој не може да стигне до светост. Литургијата ја служиме секоја недела и на секој празник, но не смееме да паднеме во замката на лицемерие, па на Литургија да глумиме верници, а надвор од неа – да бидеме полоши и од незнабошци. Верниците се верници и во црква, и на пазар, и на работа. Секаде и секогаш имаме можност да стекнуваме добродетели, да градиме куќи на небесата со нашите добри дела, со силата на нашата вера да го грабаме Царството небесно. Мораме да се вежбаме во добродетелите, а Бог во Црквата ни дал средства за наша помош, за наше преобразување и спасение. Бог е љубов – вели светиот апостол Јован Богослов, и само преку себераспнувачката и себепожртвувана љубов можеме да стигнеме до Него. А ова не е можно, сѐ додека не го очистиме срцето и умот од сите нечисти помисли и желби, од сите страсти и гревови, кои не ни дозволуваат да се ослободиме и да се вивнеме со духот во небесните височини. Сиот подвижнички живот е насочен кон тоа, да се очистиме, да се исцелиме, да оздравиме со помош на Божјата благодат.
Светители ги нарекуваме оние кои се исполнети со Божјата благодат, оние кои станале слични на Христа, т.е. богоподобни и христоподобни личности, од кои учиме како да живееме, учиме што значи да се биде христијанин, кои ги молиме и кои се молат на Бога за нас и нѐ водат низ немирните води на ова житејско море. Ако нема светители, тогаш тоа значи дека Црквата не е на вистински пат, дека таму не е Бог, како што се случува во протестантските „Цркви“.
Во првите векови од христијанството гледаме ужасни прогони на христијаните, многумина биле протерани од своите градови, од своите родни огништа, многумина биле убиени на најсурови начини и методи, а крвта на овие свети маченици не ги исплаши останатите, туку стана семе за нови и нови генерации на христијани. Сѐ до времето на светиот цар Константин Велики, царевите најчесто беа сурови кон христијаните; илјадници маченици ги дадоа своите животи само поради нивната вера во единствениот Светотроичен Бог. Но и покрај многубројните жртви, бројот на христијани се зголемуваше од ден на ден, и како квас, го закваси целиот свет, и денес речиси нема земја, нема народ, каде што не е проповедано Евангелието Христово.
Од времето на светиот цар Константин и неговата света мајка, царица Елена, започнува времето на светите цареви. Сите нивни наследници не биле свети, но има многу такви цареви и царици кои биле покровители и заштитници на Православието, кои не дозволувале да се шират ересите, кои се труделе да воспостават мир во Црквата, па дури и самите свикувале црковни собори и на нив учествувале, на кои се решавале најзначајните прашања од животот на Светата Црква. Светите православни цареви се покажале и како големи градители. Да го земеме за главен пример светиот цар Јустинијан, кој се покажа како многу учен, со сестрани познавања, химнографски способности, со длабока вера и посветеност на Бога, па во текот на својот живот изградил многу велелепни цркви, од кои најубава е „Света Софија“ – бисерот на свештената градителска уметност.
Македонија и останатите православни земји се преполни со древни византиски цркви, кои биле изградени од правоверните цареви. Сите овие царски храмови се одликуваат со торжествена внатрешна убавина и просторност, затоа што за нивното градење и внатрешно уредување биле ангажирани најдобрите мајстори и зографи. Да ги погледнеме остатоците од базиликите во Стоби, Охрид и Хераклеа, со какви раскошни мозаици се декорирани овие храмови; или оние подоцнежните како што се Света Софија Охридска, Свети Леонтиј – Водоча, Света Богородица Елеуса, Свети Јован Канео, Свети Никита - Бањани, Свети Пантелејмон – Нерези, Лесновскиот манастир, Свети Ѓорѓи – Нагоричино, Свети Ѓорѓи Полошки и многу други, кои се влезени во учебниците по свештена архитектура и уметност низ целиот свет. Ете каков печат му дадоа на светот православните цареви и царици.
Со текот на времето, кога Светата Црква доби голема слобода и привилегии, кога сојузот меѓу патријархот и царот беше цврст, беше воведен чинот на „миропомазание на цар“, кој е продолжение на старозаветното поставување на цареви. Од овој период настапува блескав период за Светата Црква, во кој таа слободно проповеда, слободно гради храмови и манастири, но истовремено се забележува и голем пад во духовниот живот на Светата Црква. Како реакција на таа рамнодушност и раскалашаност се појавува монашкиот живот, кој во златниот период се одликува со својата строгост и бескомпромисност во исповедањето на верата и во чистотата на духовниот живот. Но и овој строг живот не останал туѓ за царевите, па така, многу цареви и царици оделе во манастирите кај монасите, за благослов, совет или поука, за молитва, за да помогнат, но не било редок случај и некој од нив да се замонаши.
Не можеме да речеме дека во тој период сѐ било идеално, дека царевите немале грешки, но и покрај нивните слабости и гревови, Бог повторно ги прославувал со светителски венци, затоа што ја исполниле задачата која од Бога им била доверена – да ја чуваат државата и Црквата од внатрешни и надворешни непријатели, да се трудат за духовно-моралниот напредок на народот. Од царевите се очекувало да бидат чесни, морални, несреброљубиви, кротки со народот, но строги со непријателите, да го сакаат својот народ и царство. Ете, за такво царско семејство, со такви квалитети имаме можност да читаме во книгата која ја имаме пред себе.
Светиот и благоверен цар Николај е роден на 6/19 мај 1868 година, како син на царот Александар III и царицата Марија Фјодоровна. Воспитуван во духот на побожноста и воздржливоста, тој секогаш се сеќавал дека е роден на денот кога се слави светиот и многустрадален Јов, кој е старозаветен симбол на смиреното поднесување на страдањата и искушенијата, надежта во Бога и непоколебливата вера. Неговиот татко се упокоил многу рано, па Николај, иако млад и неискусен, ја презел власта, надевајќи се на Синот Божји. Господ му испратил голема утеха – сопругата Александра, внука на кралицата Викторија. Оваа кнегиња била по потекло германка – протестантка, но кога се запознала со православието, со голем восхит го прифатила, што дури почнала и да учи црковно-словенски јазик, за да може да чита и да пее на богослужбите, што било прифатено со потсмев од страна на безбожните благородници. Николај и Александра се крунисани во мај 1896 година, во големата Успенска соборна црква на Московскиот кремљ.
Царот владеел во тежок период, со револуции и побуни, кога Западот бил насочен кон уништување на православната монархија, но тој верувал дека излез од лавиринтот на современата безбожност е враќањето кон Светото Православие. Се посветил на враќање кон православното предание, со исфрлање на западните уметнички слики, и враќање на православните икони, изградил и обновил околу 10000 храмови и повеќе од 750 манастири. Особено се грижел овој христољубив самодржец на рускиот престол да учествува во прославувањето на новите руски светители, како што се свети Теодосиј Черниговски, свети Исидор Јуревски, света Ефросинија Полоцка, света Ана Кашинска, свети Јоасаф Белгородски, свети Гермоген Московски, свети Питирим Тамбовски и свети Јован Тоболски, а најголема ревност и посветеност покажал во прославувањето на светиот Серафим Саровски, кој бил многу почитуван и сакан од светите цареви Николај и Александра.
Во нивниот брак им се родиле четири ќерки, Олга, Татјана, Марија и Анастасија, а по канонизацијата на светиот Серафим Саровски Александра ќе забремени по петти пат и ќе го роди синот Алексеј. Иако последната рожба им донела голема радост, затоа што се родил наследник на престолот, нивната радост била потресена од сознанието дека тој боледува од неизлечива болест – хемофилија, и секоја повреда и крварење, можело да биде кобно за него.
Овие царски деца растеле во домот на своите родители, опкружени од љубов и почитување, воспитувани во побожен дух – со вера, пост, молитва, редовно присуство и учество во Литургијата, што ги направило цврсти и бестрашни во часот на смртта.
Кога Русија влегла во војна во 1914 година, царицата со своите ќерки, откако изучиле медицински курсеви, отишле да ги негуваат ранетите и повредените војници, како милосрдни сестри.
Во 1917, после бунтовите во Петроград, група на предавници – политичари и генерали – го убедиле царот да се повлече од престолот, за да се избегне граѓанска војна. Но целта на оваа акција било укинување на последната православна монархија, царското семејство било уапсено и сместено во Царско Село. Во заточение претрпеле многу лишувања, исмевања, навреди, понижувања, но царот со своето семејство, сето тоа смирено го претрпел. Времето го минувале во читање житија, молитви и пишување, со што се подготвиле за соочување со смртта.
По директна наредба на Ленин и Свердлов, во ноќта на 4/17.07.1917 година, во Екатеринбург, стрелан е царот Николај со царицата Александра и со сите нивни деца.
Куќата во која биле убиени станала поклоничко место за христијаните, сѐ до 1977 година, кога по наредба на Борис Јелцин била срушена. Нивните убијци си ја добиле уште на земјата заслужената казна, односно, Свердлов е отруен шест месеци по убиството на Романови, а Ленин умрел во маки од сифилично лудило.
Руската задгранична црква ги канонизирала уште во 1981 година, а неколку години подоцна и во неколку епархии во Русија на Московската Патријаршија.
Нивниот пример останува како светилник на врв планина, како ориентир за сите идни генерации во овој мамонопоклонички век за тоа, како треба да владее и да живее еден водач на држава, и како треба да го љуби својот народ, та да не го штеди ни својот живот за доброто на доверениот народ. По нивните свети молитви, Господ да нѐ помилува и просветли. Амин!
Митрополит Повардарски
+Агатангел
Извор. Повардарска епархија