Свето Евангелие од светиот апостол Лука (зач. 38)
Во она време пристигна Исус во Гадаринскиот крај, спроти Галилеја. А кога излезе Он на суво, Го сретна еден човек од градот, кој имаше бесови од многу години, и не облекуваше алишта, и не живееше дома, туку по гробовите. Кога Го виде Исус, извика и падна пред Него, и гласно рече: „Што имаш со мене, Ти, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Ти се молам, не мачи ме!“ Зашто Исус му беше заповедал на нечистиот дух да излезе од човекот; оти долго време го мачеше, и беше во окови, и со вериги го врзуваа, чувајќи го; но тој ги раскинуваше оковите и бесот го тераше да оди во пусти места.
- А Исус го праша, велејќи: „Како ти е името?“ Тој одговори: „Легион“, зашто многу бесови беа влегле во него. И Го молеа Исуса да не им наредува да одат во бездната. А таму, по ридот, пасеа многу свињи; па, Го молеа да им позволи да влезат во нив. И им позволи. И откако излегоа бесовите од човекот, влегоа во свињите; и се гргнаа свињите низ стрмнината и се издавија во езерото. Свињарите, кога видоа што се случи, избегаа и раскажаа по градот и околината. И излегоа да видат што станало; па кога дојдоа кај Исуса, го најдоа човекот, од кого беа излегле нечистите духови, како седи пред нозете Исусови, облечен и со здрав разум; и се уплашија. А оние, што беа виделе, им кажаа како се исцели бесниот човек. И сиот народ од Гадаринскиот крај
- Го молеше да си отиде од нив; зашто се беа уплашиле многу. И Он влезе во коработ и се врати. Човекот, пак, од кого беа излегле демоните, Го замоли да биде со Него; но Исус го отпушти, велејќи: „Врати се во домот свој и раскажувај што ти направи Бог!“ Тој си отиде и расправаше по целиот град, што му направи Исус.