Човекот којшто по пат на подвижништво го умртвува своето сетило за вкус, којшто своите чувства ги лишува од сите овоземни наслади и којшто докрај стои наспроти влијанијата на властите на овој свет, ќе го прими уште овде, во овој живот, предвкусот на добрата на Царството Небесно: спокојството на помислите, мирот на срцето, слатките потоци на солзите, вознесувањето на умот, познанието на таинствата, преизобилството од љубовта, созерцувањето на Бога и совршенството, “колку што ѝ е тоа возможно на човечката природа“. Сето тоа е можно по пат на една систематска, постојана, упорна, неотстапна борба за умствената молитва. Меѓутоа, за Бог да го чуе ова непрестајно умствено богомислие, мора да се исполнат условите на монашкиот и воопшто на христијанскиот духовен живот, кое пак, за возврат, ќе ја помогне молитвата.
Што се однесува до монасите, од нив се бара непоколебливо послушание во однос на Старецот, којшто е видлива икона на Христа - Спасителот. Што се однесува до сите христијани, од нив се бара да ги устројат своите животи согласно на советите на духовните отци и да бидат покорни на каноните на Едната Света Православна Црква за да не скита поединецот по свој сопствен пат од желби и копнеења. Впрочем и Светото Писмо ни советува да бидеме внимателни.
Посети:{moshits}