На 03. 07. 2014, на празникот кога црквата го слави „Св. Наум Охридски “ во манастирот „Св. Наум Охридски“ на Попова Шапка, се отслужи Архиерејска Божествена Литургија на која чиноначалствуваше Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение со Митрополитот Кумановско-осоговски д-р Јосиф, и надлежниот Митрополит Тетовско-гостиварски г. Јосиф, деканот на богословскиот факултет протоереј-ставрофор Ацо Гиревски, игуменот Агатон, еромонах Доситеј од Бигорскиот манастир, парохискиот свештеник Жарко Мицковски и протоѓаконот Антонио Дујовски. На Литургијата празнично слово произнесе неговото блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, кој не потсети на животот, делото и мисијата на Св. Наум. На Божествената Литургија присуствуваше многуброен народ од нашата татковина. Празничната радост со своето присаство ја збогатија и пратениците од парламентот на Република Македонија г-ѓа Светлана Карапетрова - Тетово и г. Сашо Аќимовски од Гостивар. Црковниот Одбор на овој духовен бисер на нашата епархија, со многу љубов и почит ги пречека сите поклоници на манастирот и приреди трпеза на љубовта.
Извор: Тетовско- гостиварска епархија
Синиша Георгиев