...Но сега, сега во ужас стоиме пред едно страшно предавство, една неблагодарност, еден погибелен удел, но и едно неискажливо долготрпение и бескрајна добрина на нашиот себлаг Творец. И веќе душите наши, како оној трговец од Евангелието кој го пронајде скапоцениот бисер во нивата, непогрешливо ја препознаваат вредноста и на овој бисер, го симнуваат од низата, внимателно и со љубов го поземаат и го кријат длабоко во себе, за поуката што тој ја носи да се вреже во нас и никогаш да не го заборавиме уделот на Јуда и крајот на таа огромна неблагодарност и дрскост. Но и со вера и надеж да се сеќаваме на долготрпеливата љубов и благост на предобриот Господ, Кој иако предвреме го виде Јудиното предавство, сепак не се згнаси од него, и најпрвин во Своето крајно смирение како Господар му ги изми нозете на Својот слуга, а подоцна на Вечерата што ја востанови за наше спасение не го лиши ни од дарот на Своите страшни и животворни Тајни. Оваа надеж е нашиот цврст столб кој нѐ држи оти нема човек кој барем еднаш во себе не видел одраз на лицемерноста и предавството Јудино, и само преголемата милост Христова и нашето мало покајание нè спасува од таквиот негов беден крај.
Среде овие чудесни денови на сострадално сведоштво на настаните што засекогаш го променија светот и човекот, а нам ни ја вратија загубената татковина, и Бигорската обител, преку сите тие чудесни богослуженија, се покажа како онаа плодна нива во која се крие таинствено богатство, и сè поголемо мноштво верни ги оставаат за миг своите грижи и светските суети и доаѓаат да заораат молитвено во бигорските длабини за да го пронајдат скапоцениот бисер. А тој бисер, тоа бесценето богатство во овој Свет и Велик Четврток ни се открива во сета своја убавина во преблагодатната Василиева Литургија, кога со нова сила и длабочина продираат во нас Христовите зборови што на овој ден Он им ги упати на Своите ученици:
„Земете, јадете, ова е Моето тело...Пијте од неа сите; ова е Мојата крв на Новиот Завет, која се пролева за мнозина, за простување на гревовите“. (Повеќе)