(Извадок)
Го заборавивме човекот во нас, а не пак Бога, кога веќе сме тргнале да ја следиме својата суета и гордост
Црквата воспоставила еден ден во кој ќе можеме да си простуваме едни со други, па помирени да влеземе во посните денови на покајание, и го нарекла Прочка. Аскетското предание на Црквата, пак, ни укажува на постојано покајание и простување низ непрестајната молитва Господи Исусе Христе, помилуј ме... во срцето. Но, ако навистина побарме и дадеме прошка ќе ни биде јасно од каде потекнува и името прочка на овој црковен празник. Потекнува од зборот прошка, но јазично дошло до палатализација на консонантот Ш во Ч. Зборувајќи за покајанието и простувањето знам дека ќе чујам пак, лекару излекувај се сам, упатено можеби не лично на мене, туку на свештенството воопшто во кое се вбројувам, но би сакал да напоменам дека задолжително треба да заборавиме и далеку од себе да ги отфрлиме идеите дека прошка се добива со поткупување на Бога, на светителите или, пак, на воспоставеното свештенство во Црквата, па потоа да има коментари, еве со наши пари се прави ова или она.
Тоа некогаш се правело временски и просторно во западната црква со индулгенциите (ливчиња кои скапо се плаќале, а на кои се добивало написмено потврда дека гревовите на некој човек се простени бидејќи се скапо платени), тоа би му дошло нешто како шенген-виза за рајот, кажано со современ јазик. Порано сум споменал дека не се искупуваме со носење богати дарови во храмот или со градење на истите, човекот со ништо на овој свет не може да се искупи бидејќи не е повикан на должничко-доверителски однос, туку на личносен однос кој го градиме со Бога низ Христа Богочовекот во благодатта на Светиот дух, со ближните и со самите себе, со внатрешниот човек, со човекот како духовно битие. Кога ова ќе го сфатиме, тогаш ќе ги искористиме деновите од Прочка до Воскресение, да се покаеме и да пристапиме кон измирување на секој со секого за да влеземе во радоста на победата на животот. Нормално е ние што тоа го проповедаме први да го исполниме, да дадеме личен пример за тоа, за да ни држи проповедта, а не да биде само „солење“ на памет. Ако искрено пред себе го направиме ова, ќе почувствуваме олеснување на душата и совеста, нашиот живот ќе го збогатиме со смисла и цел, а ако пак го направиме тоа про форма имаме една друга придобивка од сето тоа, ќе ни стане многу појасен поимот карневал.
2-ри март, лето Господово 2014